Николовски му возврати на Трипуновски: Блокирани се европски пари што требаше да донесат над 3.000 бизниси и 10.000 нови вработувања, а тој зборува за глупости, демагогии и неосновани обвиненија

„Најмалку што треба да се случи е оставка на министерот Трипуновски. Впрочем истата ја бараат и земјоделците и синдикатите и здруженијата на земјоделци“, тврди Николовски по суспензијата на исплатата од ИПАРД-програмата

од Nikola Popovski
27 прегледи

Пратеникот и екс-министер за земјоделство, Љупчо Николовски му одговори на неговиот наследник во ресорот земјоделство, Цветан Трипуновски по обвинувањата дека сторил криминал додека раководел на министерското место. Ваквите препукувања следуваат по коруптивниот случај со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во руралниот развој, што доведе до времено стопирање на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата.

-Министерот Трипуновски вечерва видно нервозен излезе на телевизија и наместо да понуди решение сам потврди дека ИПАРД е суспендиран– без да каже колкава е штетата, без да каже колку ќе трае проверката за корупција и криминал на неговите најблиски соработници, една од тие и негова посебна советничка.

Замислете блокирани се 130 милиони евра европски пари – средства што требаше да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 нови вработувања, а тој зборува за глупости, демагогии и неосновани обвиненија. Овие пари не се бројка на хартија. Тоа требаше да бидат неповратни грантови за наши земјоделци, за млади луѓе кои вложиле труд, пари и надеж дека државата и Европа стојат зад нив, истакна Николовски.

Според него, наместо да превземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати – тој нападна над 4.000 нови мали производители, нови семејства кои денес живеат од сопствен труд. Програми што беа, како што вели Николовски, симбол на успех, сега се цел на безмислени критики.

Пратеникот од СДСМ потсети дека веќе понудил конкретни решенија за доброто на земјоделците и државата, но Трипуновски ги одбил и избрал да обвинува без никакви докази.

-Но ќе бидам јасен, најмалку што треба да се случи е оставка на министерот Цветан Трипуновски. Впрочем истата ја бараат и земјоделците и синдикатите и здруженијата на земјоделци.

Мојата борба не е против никого лично, туку за секој земјоделец кој денес чувствува дека е изневерен. Јас нудам помош и конкретни решенија. Истите ќе ги понудам на неговиот наследник, и на секој кој има капацитет и желба да мисли добро за државата, стои во ставот на Николовски.