Земјоделците и преработувачите жртви од застојот на средствата од ИПАРД

Ако проектот чини 20 илјади евра, 10 илјади плаќа земјоделелцот, а 10 илјади се од ИПАРД, што значи дека земјоделецот земал кредит од 20 илјади евра“, вели за „Локално“, Ристо Велков - претседател на Сојуз на земјоделци од Струмица

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: МЗШВ

Застојот во исплатата на средствата од ИПАРД програмата ќе предизвика одложување или нереализирање на планираните инвестиции. Ова ќе има сериозни последици не само врз примарното земјоделско производство каде договорите за користење на овие средства се веќе потпишани, а средствата не се исплатени, туку и врз преработувачите кои нема да можат да го реализираат планираното производство и извоз. Земјоделците бараат се додека се стопирани средствата од ИПАРД каматата за земените кредити да ја плаќа државата.

Стопирањето на средствата од ИПАРД Програмата предизвика загриженост и кај земјоделците и кај преработувачите. Земјоделците велат дека неизвесно ќе биде враќањето на 50 отсто од средствата за инвестицијата кои се кофинансираат преку ИПАРД Програмата.

-Ако се стопира ИПАРД Програмата највеќе ќе бидат оштетени земјоделците. Многу имаат земено кредити од ИПАРД за механизација, објекти, преработувачки капацитети…. Поради тоа мора да се реши прашањето кој ќе ја плаќа каматата на земените кредити се додека не почне исплатата на средствата од ИПАРД. Ние предлагаме тие 2-3 години додека се стопирани средствата каматата наместо земјоделците да ја плаќа државата, бидејќи земјоделците кога аплицирале за оваа Програма ги исполнувале сите услови. Ако проектот чини 20 илјади евра, 10 илјади плаќа земјоделелцот, а 10 илјади се од ИПАРД, што значи дека земјоделецот земал кредит од 20 илјади евра. Значи земјоделецот вложил средства во висина од 100 проценти, а враќањето на 50 проценти од инвестицијата сега станува неизвесно, изјави за „Локално“, Ристо Велков – претседател на Сојуз на земјоделци од Струмица.

Ристе Велков

Тој појаснува дека стопирањето на ИПАРД средствата ќе ги погоди и преработувачите. Така на пример некои отвориле фабрики за праработка и вложиле 50 или 100 илјади евра, тука не е проблем само каматата, туку неможе да откупува производи од земјоделецот, а преработените производи неможе да ги извезува. Што значи во загуба ќе бидат и земјоделците и откупувачите.

И поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Никица Бачовски за „Локално“ вели дека без пристап до ко-финансирање од ИПАРД, голем дел од планираните инвестиции може ќе се одложат или воопшто нема да се реализираат.

-Тоа несомнено ќе влијае врз проектираниот раст и развој на сите засегнати корисници кои своите производи ги пласираат во земјата и странство како примарни и преработени продукти. ИПАРД е еден од клучните финансиски инструменти преку кој земјоделците и компаниите од агро-секторот инвестираат во модернизација на производството – преку инвестиции во нова механизација, нови насади, изградба и опремување на преработувачки капацитети со цел приближување на македонскиот аграрен сектор до стандардите на Европската Унија, вели Бачовски.

Според него, временото стопирање на средствата од ИПАРД-фондот може да предизвика одредени потешкотии во спроведувањето на проектите на земјоделските компании кои користат средства од овој инструмент.

-Дел од инвестициите можат привремено да се одложат, особено оние што зависат од кофинансирањето од програмата. Сепак, тоа не значи дека сите проекти ќе запрат целосно — многу компании веќе започнале активности, имаат потпишани договори и ќе настојуваат да ги реализираат колку што им дозволуваат финансиските услови. Кога станува збор за набавката на механизација – трактори, комбајни и друга опрема – можно е да има забавување на динамиката на купувања, бидејќи голем дел од земјоделците ја планираа својата инвестиција врз основа на повратните средства од ИПАРД. Сепак, оваа состојба не мора да значи траен застој. Доколку наскоро се надминат административните и институционалните пречки и повторно се активира програмата, постои простор за продолжување на процесот без поголеми долгорочни последици, вели поранешниот директор на Платежната агенција.

Сепак, смета дека преку соработка на институциите и земјоделскиот сектор, ефектите од прекинот може значително да се ублажат.

Никица Бачовски/Фото: Фејсбук

-Последиците од привремените застои или проблемите во спроведувањето на ИПАРД-фондот ќе зависат главно од тоа колку сериозно и професионално домашните институции ќе се посветат на управувањето со средствата и на воспоставувањето на стабилни, транспарентни механизми. Времето потребно за опоравување и за повторно градење доверба во македонскиот аграр ќе зависи пред се од тоа дали се прави разлика меѓу индивидуални неправилности и целиот систем за управување со пред-пристапните фондови за земјоделство и рурален развој, вели Бачовски.

Во структурата на ИПАРД постојат професионалци кои, во соработка со партнерите од Европската Комисија, можат да изработат планови за опоравување и за спречување на вакви девијации во иднина.

Суспензијата на исплатите следи по актуелните случувања во АФПЗРР поради основани сомневања за коруптивни активности. Минатата недела во акција на истражните органи беа уапсени актуелниот директор на Агенцијата и уште четири лица поради давање и земање мито.

Б.С.