Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера објави кадровски промени во четирите најголеми јавни претпријатија под ингеренција на Градот. Во емисијата „Само интервју“, тој истакна дека на чело на ЈП „Улици и патишта“ ќе застане Борис Настов, кој ја извршуваше истата функција на почетокот од мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска.
Во „Водовод и канализација“ нов директор ќе биде Иван Митровски, досегашен заменик-градоначалник на општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски најави дека во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП Скопје) ќе биде назначен Саше Илиевски, вработен со долги години искуство во ова претпријатие.
Во „Комунална хигиена“ пак, функцијата ќе ја преземе Драги, чие презиме Ѓорѓиевски не го спомена. Според него, тоа е човек кој долги години работел во комуналниот сектор на Град Скопје и, како што истакна градоначалникот, „се покажа исклучително добро за време на акцијата 72 часа“. Градоначалникот нагласи дека тој не е партиски експониран.
На новинарско прашање дали во Зоолошката градина ќе биде вратен поранешниот директор Горѓи Галетановски, откако тоа го побара еден од вработените во ЗОО, Ѓорѓиевски рече дека Галетановски е советник во Советот на Град Скопје.
„Ќе дадам сè од себе одлуките во Советот на Град Скопје да ги носиме со поддршка на сите советнички групи. Ќе соработувам и ќе комуницирам со сите. Советниците се избрани од граѓаните, најчесто имаат добри предлози. Галетановски ќе може одлично да помогне со совети, идеи, предлози“, кажа градоначалникот во емисијата.