Атанасоски: Со оваа политика нема да ги почнеме преговорите со ЕУ и ќе седиме во друштво на БиХ и Косово, бидејќи Србија одамна ги има започнато преговорите

Мицкоски вели дека сме „најдобриот ученик“, но сепак добивме „тројка“ од Брисел: „Игнорирањето е доказ дека Владата нема особено да се возбудува за извештаите на ЕУ, ќе се пласира тезата дека ние сме жртвата“

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Принтскрин

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски синоќа истакна дека Македонија е технички подготвена за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија и дека земјата би го надминала напредокот на Албанија и Црна Гора. „Сигурен сум дека ако утре ги започнеме преговорите, Македонија ќе биде земјата која ќе ги претрка Албанија и Црна Гора. Напредокот што сме го направиле во прилагодувањето на европскиот пазар, приближувањето до единствениот европски дигитален пазар и реформите во јавната администрација го прави тоа можно“, рече Андоновски. Тој додаде дека моменталните оценки на ЕУ за земјата се под влијание на нерешените политички прашања.

Ваквата констатација на членовите на Владата е малку поразлична во однос на „тројката“ што ја добивме од официјален Брисел во последниот Извештај за напредокот на земјата. Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, од „Илинденска бр.2“ вака велат „веројатно за да се престави слика за успесите на Владата, бидејќи секоја влада за себе си дели самопофалби, никогаш самокритики, секогаш обвинувајќи ја претходната за ужасно лошо владеење, префрлајќи ја вината исклучиво врз неа“.

-Тоа е за жал во нашата политичка матрица овие 35 години повеќепартиски систем. Од друга страна игнорирањето на извештајот на ЕК е доказ дека оваа влада, нема особено да се возбудува за извештаите од ЕУ, бидејќи ќе се пласира тезата дека ние сме жртва на тој пат овие 25 години и покрај тоа што ги исполнуваме условите како „најдобар ученик“. Но дали навистина, сме „најдобар ученик“, кога станува збор за состојбите во правосудството, владеењето на правото, ефикасност и независност на институциите на системот…, истакнува Атанасоски во разговор за „Локално“.

Од друга страна, со оглед на тоа дека во изминативе година и пол, односно откако на власт е ВМРО-ДПМНЕ, се немаме поместено во евроинтегративниот пат, се поставува дилемата дали Владата се фали со успесите кои им ги оставија нивните „непријатели“ СДСМ и ДУИ. За соговорникот тоа е контрадикторно тврдење, бидејќи да тврдиме дека сме најдобар ученик, а СДСМ и ДУИ ужасно катастрофално владееле, нема логика.

-Едноставно за година и половина, не може да се подобрат од ужасни во најдобри состојбите кои се опишуваат во извештајот на Европската комисија, напротив за напредок и реформа во клучните полиња, треба да пројдат многу години, во некои области и децении, оценува Атанасоски.

Аналитичарот посочува дека оваа Влада и пред да дојде на власт имаше кристално чиста и јасна политика околу евроинтеграциите: да за ЕУ, но не под овие услови, со вметнување на Бугарите во Уставот „без гаранции“.

-Тука не треба да имаме дилема и граѓаните мислам им дадоа легитимитетот за оваа политика. Другото прашање е дали има можност ние да почнеме преговори со оваа политика? Мислам дека, апсолутно не, за жал. Така што, уште повеќе за жал, ќе седиме во друштво на Босна и Херцеговина и Косово, бидејќи Србија одамна ги има започнато преговорите, и покрај тоа што е до нигде, констатира Атанасоски.

Запрашан дали држи вода „тезата“ која ја слушаме од Бугарија дека токму Србија ја диктира нашата евроинтегративна приказна и дека не дозволува Македонија да влезе пред неа, аналитичарот оценува дека директно, апсолутно не е така, но индиректно, во преносна смисла на зборот е точно.

-Создавањето на атмосфера за живеење во т.н „српски свет“ преку мејнстрим медиумите, политички партии и поединци, наметнувањето на турбо-фолк и „Звезде гранда“, „Задруга“, шунд културата и турбофолкерајот, прави од нас една „менталитетна Српска Бановина“, во која владее атмосферата дека сите не мразат, сите соседи сакаат идентитетски да не обезличат, да не одмакедончат, ЕУ сака да не избрише, САД и НАТО да не уништат, но само северните соседи Србите ни се браќа и само тие ни мислат нам добро како нација и држава, објаснува Атанасоски за српското влијание во Македонија.

Фото: Х/Принтскрин

Пред шест дена, Европската комисија во Извештајот за напредокот за земјава за 2025 година и во својата Стратегија за проширување констатираше дека Македонија во текот на минатите 12 месеци не презела решителни чекори за напредок во процесот на преговори за пристапување. Во него се порачува и дека Македонија треба да ги интензивира напорите за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во рамки на кластерот Основи, во делот на владеење на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Опозициската СДСМ оцени дека Македонија доби најлош извештај во изминатите 10 години, а пак владеачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека документот е „извештајче“ кое се користи за притисок. „Ќе бидеме спремни за членство во ЕУ, кога ЕУ ќе биде спремна да нè прими,“ порачаа од владеачката партија.

Одговарајќи на новинарски прашања за Извештајот на ЕК, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека ни прават булинг.

„Да го смениме Уставот најдобри ќе бидеме и уште ако може да не сме Македонци, да сме нешто друго, најдобри ќе бидеме, онака како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да напредува во Европската Унија“, кажа премиерот при увид на изградба на спортска сала во Општина Аеродром.