Мицкоски се согласи за финансиска независност на судиите и обвинителите, но ќе бара одговорност

„Сè ќе добијат, но секој денар ќе го гледаме каде го трошат. Да не се случи после дел од нив да се најдат на клупа како обвинети“, им порача Мицкоски на судиите и обвинителите

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин

По реакцијата на судиите за ставот на премиерот, Христијан Мицкоски денеска порача дека нема да дава одговор на таков тип на дописи. Остава јавноста и граѓаните да кажат дали се задоволни од испораката на правда во Македонија.

-Еве јас ќе молчам и ќе се држам до претходното што го кажав како одговор. Сè ќе добијат, но секој денар ќе го гледаме каде го трошат. Да не се случи после дел од нив да се најдат на клупа како обвинети. Бараат и ќе добијат финансиска независност, во рамките на процентот што е во ЕУ. Не можеме да бараме 0,8, 1 или 2%, а во многу поразвиени земји е 0,2,0,3,0,4 проценти. Сами нека вработуваат, унапредуваат, сами да си даваат плата во рамките на Буџетот…Само да не испадне дека сега повеќе трошиме. Јас ви ветувам дека ќе го добијат. Да видиме тогаш дали ќе ни се случува неправда како сега што ни се случува, кажа Мицкоски во изјава за медиумите.

Премиерот најави дека до Нова година ќе се спроведат реформите во правосудството, како што се бараат во Извештајот на ЕК. Вели дека се анализираат неколку модели од Европа.

-Јас како претседател на Владата сум прв тоа да го добијат. Да видиме тогаш што ќе пречи. Очекувам исто така да излезат од Брисел и да кажат исто така браво и да ни кажат дека сме одлични. Петка дека сме добиле. Затоа што нели тоа беше проблемот. Немало реформи еве ќе ги донесеме до нова година. Ајде да видиме дали е тоа пречката или е нешто друго, рече Мицкоски.

Според судската власт, последниот извештај на Европската комисија, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. „Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност“, наведуваат судиите.