„ВМРО-ДПМНЕ треба да се грижи за ова што го зборувавме денеска, и ВМРО-ДПМНЕ треба да им даде одговорите на граѓаните за сите оние скандали коишто ги објавивме досега и допрва ќе ги објавуваме. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислува за реформите и во нивната партија и во Владата, треба да размислуваат за потребите на граѓаните коишто ги ветија, а не ги испорачуваат, наместо да се занимаваат со СДСМ“, порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Кузеска информира дека вчера на Извршниот одбор, беше прифатен поддржан предлогот на претседателот Венко Филипче за потпретседател на партијата да биде реномираниот доктор Александар Трајановски.
-Сите оние информации коишто се „штанцаат“ од Белата палата се токму тоа — дефокусирање на јавноста за тоа што го работи, односно не го работи Владата, и од сите скандали коишто се досега објавени, истакна Кузеска.
Трајановски доаѓа на потпретседателската функција која претходно ја вршеше Ана Чупевска која си поднесе оставка. Неотповиклива оставка по изборите поднесе и претседателот на градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски .
Трајановски на локалните избори беше противкандидат во Аеродром на сега веќе актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Митевски кој ја однесе победата во вториот круг од изборите.