Граѓанските организации апелираат: Превенцијата не е трошок, туку инвестиција!

Новата кампања на граѓанските организации кои работат на унапредување на здравствената заштита „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ потсетува дека игнорирањето на превенцијата има висока цена за жените, за семејствата и за целиот здравствен систем, велат од ХЕРА.

од Vladimir Zorba
6 прегледи Фото: ХЕРА

Новата кампања на граѓанските организации кои работат на унапредување на здравствената заштита „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ потсетува дека игнорирањето на превенцијата има висока цена за жените, за семејствата и за целиот здравствен систем, велат од ХЕРА.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување заедно со партнерските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ – Заедно посилни и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари ја започнуваат националната кампања „Кога се штеди на превенција – последиците се скапи“.

Кампањата е јавен повик за систем кој ќе ја стави превенцијата во центарот на здравствените политики, затоа што секој заштеден денар денес, утре се плаќа поскапо-  на штета на здравјето на граѓаните и на системот кој троши повеќе за лекување.

Иако државата има обврска да обезбеди достапна превентивна здравствена заштита за сите, бројките говорат поинаку:

  • 80 % од жените плаќаат за гинеколошки услуги кои им следуваат бесплатно;
  • Само 30 % од жените се опфатени со скрининг за рак на грлото на матката, наместо потребните 75 % за период од 3 години;
  • Граѓанските организации откриваат еден ХИВ позитивен случај на 150 тестирања, додека здравствените установи еден ХИВ позитивен случај на 1150 тестирања;
  • 92 % од жените Ромки не знаат дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед.

Кампањата содржи инфографици, видеа, пораки од здравствени работници, како и конкретни повици за акција. Преку овие содржини, ХЕРА и партнерските организации апелираат за зголемување на буџетите за превенција и обезбедување на еднаков пристап до здравствена заштита, независно од приходот, местото на живеење или етничката припадност.

Превенцијата не е трошок, напротив, таа е инвестиција во здрави животи и во поефикасен здравствен систем. Затоа, ХЕРА и партнерите бараат конкретни мерки и буџетски одлуки кои ќе го стават здравјето на граѓаните во центарот на јавните политики, соопштија од ХЕРА.