Османи: Членството во НАТО е поитно за Косово од европската интеграција

Косовската претседателка рече дека доколку нејзината земја била во НАТО, Србија никогаш не би се осмелила да изврши агресија

од Vladimir Zorba
14 прегледи Фото: Фејсбук/Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во интервју за „Политико“ изјави дека членството во НАТО е поитно за Косово отколку европската интеграција, објави косовскиот весник „Коха Диторе“.

„Го гледам членството (на Косово) во НАТО како поитно од европската интеграција. Членството во ЕУ бара време (…), но мислам дека НАТО е понеопходен за регионот. Членството во НАТО за нас би значело да бидеме безбедни, секако причината (за ова) се Србија и Русија. Мислам дека Русија има интерес да го дестабилизира Западен Балкан и Европа. Не се откажува од ова. (…) Мислам дека е во стратешки интерес на НАТО да се прошири кон Западен Балкан, особено (кон) Босна и Херцеговина и Косово“, вели Османи.

Според Османи, Косово ги исполнило критериумите за членство во НАТО и потрошило над 2 проценти од БДП за одбрана, а во следните четири години инвестициите во оваа област ќе се удвојат.

Косовската претседателка рече дека доколку нејзината земја била во НАТО, Србија никогаш не би се осмелила да изврши агресија.

Османи додаде дека Косово нема друга алтернатива освен евроатлантскиот пат, нагласувајќи дека и покрај преземените реформи и синхронизацијата на неговата надворешна политика со онаа на ЕУ, европски пат е блокиран.

Косово долго време се стреми да се приклучи на ЕУ, но останува единствената земја на Западен Балкан која сè уште нема статус на земја-кандидат за членство. Земјата аплицираше за членство во ЕУ на крајот на 2022 година, но нејзината кандидатура е во застој поради недостаток на консензус меѓу 27-те земји-членки, бидејќи пет земји на ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија – не ја признаваат независноста на Косово.