Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, денеска, на нејзиниот Фејсбук профил, порача дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе ниту еден аргумент да го одлага одржувањето на надзорна расправа за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека обвинителниот акт е поднесен пред повеќе од еден месец:
„Власта е на потег… Надзорна расправа за трагедијата во Кочани мора да се одржи, а тоа го ветуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во сите нивни изјави и медиумски настапи пред неколку месеци, пратениците од власта тврдеа дека надзорна расправа ќе има штом се поднесе обвинителниот акт (наводно за да не се попречува истрагата).
Кога ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ја саботираше иницијативата за надзорна расправа поднесена од Левица, пратеничката Дафина изјавуваше дека „истрагата се уште не е завршена, да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправаме на тема трагедијата во Кочани“. И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ – Драгана Бојковска (во изјава за ИРЛ) тврдеше дека сами ќе иницираат расправа за Кочани штом заврши истрагата. Поминаа повеќе од месец дена од поднесувањето на обвинителниот акт, а пратениците од власта молчат.
Власта веќе нема изговор да не поддржи надзорна расправа и формирање анкетна комисија за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Сега вие сте на потег” – напиша Мојсоска од Левица.
Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени ќе почне на 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, објави државниот обвинител Љупчо Коцевски.