Владата ќе прави сè за ублажување на болката, рече Мицкоски запрашан дали семејствата на настраданите од Кочани ќе добијат еднократна парична помош

Мицкоски за случајот „Пулс“: „Што се однесува за поддршката за Анкетната комисија, мислам е дека е прашање што треба да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста, ќе биде многу скоро кога ќе почне процесот во суд“

од Nikola Popovski
52 прегледи Фото: Принтскрин

Запрашан за барањето на дел од семејствата на настраданите во дискотеката „Пулс“ како што е еднократка парична помош и формирање на Анкетна комисија во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски порача дека „апсолутно нема дилема дека Владата правела, прави и ќе прави сè што е потребно за ублажување на болката“.

Мицкоски, на новинарско прашање, истакна дека болката на семејствата е голема и неизмерна.

-Што се однесува за поддршката за Анкетната комисија, мислам е дека е прашање што треба да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста, ќе биде многу скоро кога ќе почне процесот во суд. Таму ќе можеме сите да следиме за тоа што се се случувало, рече премиерот.

Пратениците ќе решаваат дали ќе иницираат надзорна расправа и анкетна комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“. Иницијативата дојде на предлог на семејствата на жртвите, кои на маршот на ангелите побараа во Собранието да се расчисти случајот.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега нема став и предупредува трагедијата да не се политизира, додека СДСМ неформално најавува поддршка по внатрешна координација.

Кривичниот суд најавува максимални напори за фер и ефикасно судење. Постапката стартува во среда, со 37 обвинети за тешки дела против општата сигурност.