Поранешниот британски морнарички командант, лорд Алан Вест, денес предупреди дека нападот на Русија врз Украина ризикува ескалација во целосен конфликт со западниот одбранбен блок и дека Велика Британија веќе е „ефикасно во војна со Русија“.
„Доста е тешко да се види како некој ќе излезе од овој конфликт затоа што не сакате целосен конфликт меѓу НАТО и Русија. Русија би изгубила – а опасноста од губење е што потоа би направиле, таа глупава грешка со нуклеарното оружје“, рече тој во поткастот „Lord Speaker’s Corner“, објави „Дејли меил“.
Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, кој се појави во истиот поткаст, даде остро предупредување дека Велика Британија не е доволно подготвена за конфликт.
„Не сме доволно подготвени, не сме доволно обезбедени, нападнати сме и не сме безбедни. Тоа не би го виделе во Парламентот. Не би го виделе на улиците. Но, ние сме нападнати во сајбер-просторот“, рече тој, посочувајќи на растечките закани за клучната дигитална инфраструктура.
Тој рече дека може да се каже дека е случајност што сите овие сајбер прекини се случија во последните неколку недели, но, како што рече, „не можат сите да бидат случајности“.
Порача дека саботажата низ европскиот континент „несомнено била организирана од руската војска, или поточно од руската воена разузнавачка служба (ГРУ)“.
Лорд Робертсон, исто така, посочи на фактот дека Москва сè повеќе ги аутсорсира своите наводни хакерски операции на фриленсери.
„Тие не можат сами да го сторат тоа. Па сега го аутсорсираат на организираниот криминал, што е добар капиталистички принцип… Нашите подводни кабли, кои носат 99 проценти од сите податоци што ги користиме, се ранливи и се следат, а во некои случаи се и напаѓани“, додаде тој.
Предупреди дека кога критичната инфраструктура ќе биде хакирана и уништена, британските граѓани неизбежно ќе бараат одговори.
„Кога светлата ќе се изгаснат, болниците ќе се затворат, а центрите за податоци ќе се стопат… луѓето ќе речат „зошто не направивте нешто во врска со тоа?““, нагласи поранешниот генерален секретар на НАТО.