Апасиев: Без пратениците од Левица нема да има Анкетна комисија за Кочани

Пратеничката група на СДСМ има 18 пратеници, а за Анкетна комисија по закон се потребни минимум 20 потписи

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Левица

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев попладнево објави дека без пратениците од неговата партија немаше да има иницијатива за основање Анкетна комисија за трагедијата во Кочани.

„Пратеничката група на СДС има 18 пратеници! За АНКЕТНА КОМИСИЈА, по закон, требаат минимум 20!? Останатите потписи ќе бидат од пратениците на ЛЕВИЦА (оти без тоа, во случајов, ќе нема Анкетна за Кочани)“, посочи Апасиев во објавата.

Пратениците на СДСМ и Коалицијата, денеска поднесоа иницијатива за основање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, на којашто се придружија и пратениците од Левица, а беше дел и од барањата на семејствата на загинатите и повредените.

Анкетната комисија треба да ја утврди целата вистина, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот во Кочани, да ги утврди институционалните пропусти, прекршувањата на законските одредби, како и да лоцира политичка одговорност.

Врз основа на наодите, пратениците предлагаат Анкетната комисија да изготви и на Собранието да му поднесе Извештај најдоцна еден месец по завршување со работа.