Алијанса на Села ја напушти коалицијата со ДУИ, ќе дејствуваат самостојно

Во соопштението од партијата се вели дека АА останува решена да ја брани националната кауза на Албанците во Македонија и е силен опозициски глас на Албанците, одржувајќи комуникација со субјектите на албанската опозиција, за што, додаваат дека навреме ги известиле нивните досегашни коалициски партнери

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Алијанса на Албанците/Фејсбук

Едното крило на Алијансата за Албанците, предводено од Зијадин Села, синоќа одржало лидерска средба на која било одлучено да дејствува автономно, а воедно информираа дека ќе покренат и постапка во Собранието за нивната пратеничка група да дејствува независно.

Ова беше објавено преку соопштение за медиумите, додавајќи дека оваа одлука е донесена по дискусијата за актуелната политичка состојба, процесот и епилогот на локалните избори, како и следните чекори на нивниот политички субјект.

-Раководството на Алијансата за Албанците го одржа следниот состанок на кој беше разгледана актуелната политичка состојба, процесот и епилогот на локалните избори, како и следните чекори на нашиот политички субјект.

На последните локални избори, коалицијата со која учествувавме се појави како победник на национално ниво, со бројот на освоени гласови на листите за советници и бројот на освоени советници, но сме незадоволни од епилогот во градоначалничката трка каде што се соочивме со моќен државен инженеринг и интеракции на албанските субјекти на власт со македонските партии од сите табори, со единствена цел да се реализира платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците во земјата.

Од овие сценарија, самите Албанци изгубија повеќе од нас како субјекти, бидејќи по централната власт, Албанците сега беа деградирани дури и на ниво на локална самоуправа. Но, и покрај оваа ситуација, Алијансата за Албанците останува решена да ја брани националната кауза на Албанците во Северна Македонија, оценувајќи го како важно зголемувањето и зајакнувањето на политичката посветеност за постигнување на нашиот идеал и цел, велат од едното од трите крила на АА.

По суштински и многу важни дискусии, членовите на Претседателството едногласно донеле одлука за автономно дејствување на Алијансата за Албанците, додека во наредните денови пратениците на АА ќе ја спроведат одлуката и во Собранието да дејствуваат како независна група.

-Алијансата за Албанците останува силен опозициски глас на Албанците, одржувајќи комуникација со албанските опозициски субјекти, за што навреме ги информиравме и нашите претходни коалициски партнери.

Националната кауза, рамноправноста на Албанците во државата и Уставот, како и санирањето на штетите предизвикани од сегашната Влада остануваат наша примарна дефиниција за политички ангажман. Во наредниот период, партиските структури и експоненти ќе започнат со средби не само на членовите на партијата, туку и на сите граѓани Албанци, граѓански и политички актери и на секој поединец или организација за зајакнување на нашите редови и развивање на нашата политичка битка во овие многу чувствителни политички моменти за Албанците во Северна Македонија, порачуваат од крилото на АА.