„Кој е следен“ со порака до судската власт: Ве гледаме, правда за жртвите од Кочани е должност

Транспарент со зборовите „Ве гледаме!“ беше истакнат пред судницата во „Идризово“ каде што треба да почне судењето за пожарот во „Пулс“

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Кој е следен?

Граѓанското движење „Кој е следен“, денес пред дигиталната судница во рамките на КПУ „Идризово“, истакна транспарент со зборовите „Ве гледаме!“. Колку за потсетување, во судницата денеска започнува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој изби на 16 март годинава и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Од „Кој е следен“ порачуваат дека судската власт од денес е под лупа. Бараат непристрасен, професионален и целосно транспарентен судски процес, ослободен од, како што велат, политичките канџи.

-Оние кои денес ќе се облечат во црните тоги имаат обврска да покажат интегритет, храброст и почит кон законот. Ќе одолеат ли на притисоците од центрите на моќ или уште еднаш ќе ја потврдат недовербата на граѓаните? Правдата за сите жртви од пожарот во Кочани не е желба – туку должност. Правда мора да има! ВЕ ГЛЕДАМЕ, порачаа од граѓанското движење.

Комплицираниот судски процес во кој се обвинети 34 физички и 3 правни лица, ќе се одвива во големата судница во „Идризово“. 15-тмина обвинители ќе го докажуваат обвинението за оваа трагедија.

Полициски екипи ќе контролираат кој влегува и излегува од судницата, а екипи на итната медицинска помош ќе асистираат ако е потребна лекарска грижа.