Грчката влада најави антиинфлациски мерки за помош на луѓето со ниски приходи. Две милијарди евра се издвојуваат за поддршка на луѓето со ниски приходи поради високите цени и инфлацијата, објави премиерот Киријакос Мицотакис.
Средствата се наменети за млади семејства, пензионери и невработени. Мицотакис призна дека цените во Грција се екстремно високи, но нагласи дека ова е глобален феномен. Кабинетот работи во две насоки – зголемување на приходите и зајакнување на контролата врз шпекулациите со цените на основните стоки.
Семејствата се силно погодени од кризата со домувањето и високите кирии. На парламентот веќе е доставен предлог-закон за тригодишно ослободување од данок за сопствениците кои ги издаваат своите домови под кирија долгорочно.
Опозицијата бара јасност за тоа од каде доаѓаат ветените средства и дали тие нема да доведат до нови зголемувања на даноците.
Во меѓувреме, земјоделците изразија недоверба кон владините ветувања и предупредија дека доколку не ја добијат целата помош и субвенции до крајот на ноември, се подготвени да протестираат со блокади на патиштата во различни делови од земјата.