Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денес ќе ги посети канцелариите на Организацијата на ветерани на ОВК, јавуваат дел од косовските медиуми.
Изворите на „Клан Косова“ наведуваат дека од 13:00 часот ќе се очекува присуството на Ахмети во канцелариите на оваа организација на територија на нашиот северен сосед.
На протестот одржан во Тирана на 18 октомври во поддршка на поранешните водачи на ОВК кои се наоѓаат во затворот во Хаг, Ахмети изјавил за „Клан Косова“ дека ќе се разгледа можноста за организирање сличен протест и во Скопје.
Сè уште не е познато дали ова ќе биде тема на разговор на средбата меѓу него и претставници на Организацијата на ветерани.
Пред неколку дена во Стразбур се одржа протест во поддршка на поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Според регионалните медиуми, речиси шест илјади Албанци се собрале во Стразбур со албански знамиња, транспаренти и знаци во поддршка на поранешната ОВК и нејзините лидери.
Инаку, на самиот финиш на предизборната кампања за локалните избори во Македонија, на два дена пред да се одржи првиот круг на гласањето, лидерот на ДУИ ненадејно ги напушти предизборните карвани на коалицијата Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ и реши да присуствува на 17 октомври на протестот во Тирана во знак на „поддршка на четворицата поранешни команданти на косовската УЧК“, на кои им се суди во Хашкиот трибунал за „воени злосторства против цивилно население“ во 90-тите години од минатиот век во Косово.