Димитров од БСЦ: Најголем безбедносен ризик за граѓаните од регионот е корупцијата!

„Не надворешни закани, туку лошо владеење - тоа е најголемата закана за граѓаните од регионот и тоа го видовме со трагедиите во Нови Сад, Кочани, Тузла, но и во Грција со железничката несреќа, оти очигледно и земјите членки не се имуни на корупција”, порача претседателот на „Солуција”, Никола Димитров на Белградската  безбедносна конференција. 

од Vladimir Zorba
36 прегледи Фото: Солуција

„Не надворешни закани, туку лошо владеење – тоа е најголемата закана за граѓаните од регионот и тоа го видовме со трагедиите во Нови Сад, Кочани, Тузла, но и во Грција со железничката несреќа, оти очигледно и земјите членки не се имуни на корупција”, порача претседателот на „Солуција”, Никола Димитров на Белградската  безбедносна конференција.

“Имаме сѐ помалку демократија и сѐ помалку принципиелни актери на глобалната сцена”, порача претседателот на “Солуција”, Никола Димитров зборувајќи денеска во Белград на панел дискусијата „Изгубени во геополитиката? Пост – југословенски погледи на безбедноста, суверенитетот и иднината на Европа”, во рамките на годинашната Белградска безбедносна конференција:

„Ако ги прашате борците за демократија, за човекови права, владеење на лесното и медиумски слободи, кои им се најголеми сојузници верувам дека полесно ќе одговореа на ова прашање пред 10 години. Нашите природни сојузници за демократски процеси веќе не се очигледни”, оцени Димитров анализирајќи ги слабостите на вредносниот систем на Западниот свет.

Зборувајќи за најголемите закани за балканските граѓани денес, тој истакна  дека недостигот на добро владеење е безбедносен ризик број еден во сите наши земји:

„Видовме со трагедијата во Нови Сад, видовме и во мојата земја, со страшниот пожар во Кочани, неодамна видовме и во Тузла, ама видовме и во Грција со големата железничка несреќа, оти очигледно и земјите членки не се имуни. Неказнивноста, корупцијата и лошото владеење се најголем ризик”.

Во однос на надворешните фактори, Димитров ја цитираше анкетата на ИРИ од минатата година, каде македонските граѓани оценуваат дека за нас најголема закана е Бугарија, додека Грција после Преспанскиот договор падна на шесто место.

„Го решивме проблемот, инвестиравме огромен политички капитал и кога мислевме дека конечно ќе се занимаваме со реформи, ние бевме пак блокирани и тоа од Франција прво. Тоа вето од Франција го поплочи патот за ново вето од Бугарија, за прашања што не се поврзани со вистинските критериуми. Дали сме ние Македонци и дали зборуваме македонски јазик – ова не е се дебати од овој век и не се дебати за овој континент!”, порача Димитров.

Тој  заклучи дека имаме сите за растење и ние како регион и самата ЕУ:

„Треба да учиме од балтичките земји како да соработуваме и како да си помагаме. Точно е дека сега има едем прозорец, поттикнат од војната во Украина и дополнително од предизвиците во трансатлантските релации и нам како Европејци мора да ни стане јасно дека ЕУ мора повеќе сама да се грижи за себе”.

На панел дискусијата заедно со Димитров беа и Петра Ротер, професорка по меѓународни односи од Љубљана, Неџма Џановиќ Мирашчија, професорка по политички науки од Сараево и Вук Вуксановиќ, од Белградскиот центар за безбедносни политики. Дискусијата беше модерирана од Иван Вујачиќ, професор од Универзитетот во Белград.