Очекуваме транспарентна постапка, динамиката на судењето ја одредува судот. Од наша страна, сите услови се исполнети, ангажирав неколку дополнителни обвинители за постапката да не биде одложена од страна на Јавното обвинителство, изјави државниот јавен обвинител Љубчо Коцевски, одговарајќи на прашање за неговите лични очекувања за судењето за пожарот во „Пулс“.
Во изјава за „Тема на денот“ државниот јавен обвинител додаде дека не верува оти периодот до првостепената одлука ќе биде долг бидејќи има одредени рокови.
Според него, грешка било да се види дека Обвинителството оставило простор за одложување на постапката бидејќи, рече тој, станува збор за 35 обвинети кои морале да бидат вклучени во истиот случај. Размислувале дали овој случај може да се подели по институции, по периоди, дали ОЈО може да направи друга евентуална распределба бидејќи на почетокот имало 48 осомничени.
„Сепак, обвинети се само 35 физички и три правни лица, што значи дека бројот на обвинети не е голем. Во спротивно, доколку постапките треба да се одвојат, тогаш постои законска можност еден од обвинетите да биде сведок во друга постапка. Ова се истите докази што би се повториле во обете постапки и би довело до поголемо одложување на постапките. Затоа, тимот на јавни обвинители одлучи да спроведе една постапка против сите обвинети и верувам дека ова е најсоодветното решение“, рече Коцевски.
Тој нагласи дека досега имале три средби со родителите на жртвите во „Пулс“, последната минатата недела, и дека се запознаени со сите аспекти на обвинението, ги објасниле сите околности, текот на постапката и одговориле на сите нивни спорни прашања.
Коцевски најави дека истражната постапка за околу 30 полицајци е при крај и очекува првата одлука на јавниот обвинител да биде донесена во првата половина на декември. Тој исто така очекува во овој период да заврши и предистражната постапка за лицата вработени во Управата за јавни приходи.
Прашан за мислење за иницијативите на пратениците за Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во „Пулс“, Коцевски порача „политиката да ги тргне рацете од оваа постапка затоа што се води судска постапка“. Лично мисли, рече, дека тоа не би било целисходно и потребно во овој момент, а по судската постапка може да се формира таква комисија за да се бара политичка одговорност.
На прашањето дали бил извршен притисок врз Јавното обвинителство во претходниот период кога се покренуваше обвинение за случајот, државниот обвинител одговори дека немало да има толку многу осомничени, а потоа и обвинети вклучени во постапката доколку имало притисок.