СДСМ обвинува дека „се случи дебакл на една неспособна власт која не знае да организира ниту наједноставна мерка, ваучери за електонски уреди за студентите од првиот циклус на студии“. Партијата во опозиција прашува дали се направени и намерни злоупотреби.
-Прво им дадоа ваучери на младите студенти, па им ги поништија. Ги повикаа младите да аплицираат, им праќале потврди, дури им дозволиле и да подигнат уреди, за потоа да им стигне е мејл дека ваучерот не важи. Последните информации објавени во медиумите се дека постдипломци добиле ваучери, иако не им следуваат.
Власта создаде ситуација во која за младите е непознато што ќе се случи со студентите кои веќе земале уред со одобрениот ваучер, истакнуваат од СДСМ, прашувајќи кој ќе преземе одговорност за, како што велат, овој хаос и оваа измама.
-Никој не виде бенефит од оваа власт. Не може младите во Македонија да бидат „колатерална штета“ на неспособноста на ДПМНЕ. Младите заслужуваат држава која функционира, не држава која се распаѓа на една мерка со една интернет страница, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска вчера порача дека „има досетливи студенти и останува на нивната чест и совест што ќе направат со ваучерите, ние не можеме да влијаеме на тоа“. Ова следува откако дел од нив ги продавале ваучерите наменети за техника.
Со мерка на Владата, 55.000 студенти добиваат по 15.300 денари за набавка на електронски уред.
Веднаш по објавувањето на повикот, почнаа да се појавуваат „комбинации“ за продажба на ваучерите, по цена и за 10 илјади денари.