Мицкоски прави споредба на платите: Претседатели на судови земаат околу 180 илјади, мојата е 155 илјади денари

„Платата на судиите не е под 100 илјади денари, судија почетник годишно зема околу 19.100 евра“, рече премиерот

од Nikola Popovski
48 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно беше запрашан за финансиската независност на правосудството и нивните барања за поголем процент од Буџетот. Притоа, Мицкоски ги споредуваше платите на судиите и неговата плата како премиер.

-Има претседатели на судови чија што плата изнесува околу 180 илјади денари. Мојата плата со стажот е 155 илјади денари. Барем иста нека биде. Платата на судиите нема под 100 илјади. Судија почетник на пример во Македонија, годишната бруто-плата му е околу 19.100 евра. Во Словенија е 34 илјади евра околу 85% повеќе, во услови кога БДП на Словенија е 350% поголем од нашиот, рече премиерот при посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје.

Сепак, Мицкоски вели дека ќе направат закон со кој што ќе дозволат плановите за вработувања и унапредувања да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Истакна дека како Влада нема да се мешаат. Исто така додаде дека самите правосудни органи ќе се грижат за набавка од хигиенска средства до реконструкција на објекти. Од друга страна, премиерот е дециден како Влада ќе контролираат и дека ќе има собраниска Комисија која ќе врши надзор за работата на судовите и обвинителствата.