Приведени нови десетина лица, вработени во УЈП, поврзани со предметот за кочанската дискотека

Обвинителот Коцевски: „Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица од УЈП, поврзани со предметот од Кочани. Во текот на минатиот ден и денеска се приведени околу десетина лица и во моментов се вршат претреси на одредени локации“

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Принтскрин

Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица од УЈП, поврзани со предметот од Кочани. Во текот на минатиот ден и денеска се приведени околу десетина лица и во моментов се вршат претреси на одредени локации, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски по објавите дека има апсења во Штип, поврзани со инспектори од УЈП.

Коцевски појасни дека претресите се вршат кај лица кои што се опфатени со кривичната пријава. Кажа дека се работи за лица вработени во УЈП. Првични сознанија се за дела „злоупотреба на службена положба“ и „примање мито“.

Околу истражувањата за комуникација меѓу инспектори на УЈП и сопствениците на дискотеката „Пулс“, обвинителот вели дека дел од нив се опфатени во пријавата и дека дел од електронските пораки се дадени во судот.

-Ова е постапка во врска со предметот за Кочани, кажа Коцевски во изјава за медиумите.

Обвинителството ќе побара мерки за приведените лица кои ќе бидат обелоденети во текот на денот.

Вчера во Скопје почна судењето за пожарот во кочанската дискотека – најголемата несреќа во земјава во која на 16 март која изгореа 63 млади луѓе и деца, а над 200 беа повредени. На обвинителна клупа седат 35-мина, а одговорност се бара и од три фирми. Се товарат за тешки дела против општата сигурност.