Премиерот и претседател на владејачката партија, ВМРО-ДМПНЕ, Христијан Мицкоски синоќа присуствуваше на отворањето на канцеларија на Здружението „ВМРО-ДМПНЕ Албанија“ во Тирана.
„На присутните им ја нагласив и можноста Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат за зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија, кои во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение и не можат слободно да зборуваат за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и паметни и ве уверувам дека сега или во следниот период ќе ја постигнеме оваа цел“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Покрај него, на отворањето на канцеларијата во Тирана присуствуваа и генералниот секретар на партијата, Горѓија Сајкоски, како и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДМПНЕ, Жаклина Пешевска.
Во своето обраќање, Мицкоски изјави дека е среќен што сите присутни на церемонијата ги разбрале вековните автентични македонски корени и вековниот македонски идентитети е импресиониран што македонскиот јазик се негува и зачувува.
„Македонската држава ќе биде столб на Македонците низ целиот свет, каде и да се, држава која е нивна татковина, држава која ги чека со раширени раце да се вратат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија“, додаде Мицкоски.
Премиерот е во Албанија за да учествува на самитот на лидери од Западен Балкан, насловен „Нашиот план до ЕУ“, што ќе се одржи во Тирана. Според владината прес-служба, тој ќе зборува на панел-дискусија насловена како „Имплементација на заедничките обврски, резултати и забрзување“.