Бугарското здружение „Илинден“ издаде официјално соопштение во врска со изјавата дадена од премиерот Христијан Мицкоски, за време на отворањето на канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ во Тирана. Во својот говор, Мицкоски порача дека Македонците во Пиринскиот дел од Бугарија се спречени да се организираат и слободно да го изразат својот идентитет.
Според Здружението, пренесуваат дел од бугарските медиуми, изјавата на македонскиот премиер е, како што велат, лажна, манипулативна и претставува свесен обид за меѓународно дискредитација на Бугарија. Тврдат дека Бугарија не ја ограничува слободата на здружување.
-Бугарскиот Устав не дозволува создавање организации на етничка, верска или расна основа. Државниот модел е граѓански, а не етнички. Сите граѓани се еднакви пред законот (член 6 од Уставот). Организациите засновани на етнички принципи не се дозволени (член 11). Затоа, кога судот одбива да регистрира одредени структури, тоа се должи на неуставност, а не на етничка припадност. Во Бугарија, никој не е прогонуван за самоопределување – проблемот лежи во обидите за политичка злоупотреба на етнички теми.
Додека Мицкоски зборува за „репресија“ во Бугарија, во неговата сопствена земја: Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битолa беше запален и затворен. Клубот „Цар Борис III“ во Охрид беше административно затворен. Бугарските граѓани се подложени на закани, судски притисок и јавно понижување. Таква акција не е спроведена од Бугарија против Македонците, велат од „Илинден“.
Оттаму велат дека историски гледано македонско малцинство не постоело во Пиринскиот регион. Според нив, „ова е политичка конструкција од периодот на југословенскиот режим, а не историска реалност“.
-Бугарите во Албанија не се алатка за странска пропаганда. Бугарската заедница во Албанија е признато малцинство кое мирно го зачувува својот јазик и идентитет. Користењето како аргумент против Бугарија е нечесно и политички неприфатливо.
Вистината не е напад. Ако некој сака да се чувствува како „Македонец“ – тоа е лично право. Ако некој тврди дека нема бугарски корени – ова е проблем со архивите, а не со Бугарија. Заклучок Бугарија нема проблем со правата на луѓето. Бугарија има проблем со лажењето за Бугарите, наведуваат од Здружението „Илинден“.
„Македонците во пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат. Во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следува ќе дојдеме до таа цел“, рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата во обраќањето пред присутните на свеченото отворање на канцеларијата во Тирана.