Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави денес на самитот „Нашиот пат кон ЕУ“ во Тирана, посветен на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, дека постигнувањето вистинска економска конвергенција меѓу Западен Балкан и ЕУ е од суштинско значење, објави АТА.
На самитот на Планот за раст, лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово ќе разговараат за зајакнување на економската и политичката соработка меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
„Знаеме дека колку повеќе се приближуваме до проширувањето, толку повеќе инвестиции се прават и од суштинско значење е да ја постигнеме вашата вистинска економска конвергенција со земјите од ЕУ. Од искуство знаеме дека колку повеќе се движите кон ЕУ, толку повеќе заинтересираност има од странските инвеститори, европските медиуми за вашите земји и се надевам дека ќе има поголема заинтересираност и од нивните граѓани“, рече Кос.
Кос рече дека недостатокот на напредок во Планот за раст го загрозува пристапот до Единствениот пазар на ЕУ.
„Реформите за кои се договоривме (според Планот за раст за Западен Балкан) не се лесни, но тие го олеснуваат забрзувањето на преговорите со ЕУ и ги подготвуваат вашите економии за заедничкиот пазар од 450 милиони жители. Тие ви даваат можност и пристап до еднаков третман како земји-членки (…) и им покажуваат дека сте подготвени за подлабока интеграција во ЕУ“, рече Кос.
Европскиот комесар за проширување денес ги повика земјите од Западен Балкан да се движат со исто темпо во процесот на европска интеграција, велејќи дека целта на ЕУ е сите да се движат „синхронизирано“.
„Не сакаме никој од вас да биде оставен позади, бидејќи на крајот целиот Западен Балкан ѝ припаѓа на ЕУ како рамноправни членови со полни права, признавајќи го фактот дека ќе постигнете целосна усогласеност со правото и вредностите на ЕУ“, рече еврокомесарот за проширување.
„Речиси 300 милиони евра наменети за вашите земји се во опасност. Ова се средства што треба да им користат на вашите граѓани, со кои можеме да изградиме трамвајски линии, патишта, училишта, болници“, нагласи Кос, осврнувајќи се на можноста за одложувања во спроведувањето на реформите според Планот.
Таа повика на отклучување на „оние проекти што се потребни за подобрување на инфраструктурата, дигиталните иновации, заштитата на потрошувачите и туризмот“, нагласувајќи дека тие ќе донесат придобивки и за бизнисите и за граѓаните на Западен Балкан.
Кос, исто така, го спомена укинувањето на тарифите за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ од следната година.
„Плаќањето дополнително за повици во други земји е нешто што повеќе не го правиме во рамките на ЕУ, зошто би требало? Затоа треба да работиме на забрзување на конвергенцијата со правилата на ЕУ“, додаде еврокомесарот за проширување.