Честитка од Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина.

од Vladimir Zorba
5 прегледи

„Со особена почит ви го честитам 22 Ноември Денот на албанската азбука, празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ“, соопшти денеска претседателката на земјава, Гордана Сиљановска-Давкова.

„Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите.

Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина.

На овој празник изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница.

Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да ја градиме државата во духот на почит, еднаквост и единство. Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe!“, порача Сиљановска-Давкова.