Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска – 23 ноември 2025 година, недела, ќе го одликува Сашко Кедев со Орден „8 Септември”:
Во образложението зошто Кедев е избран за оваа награда, од Кабинетот на Сиљановска-Давкова велат дека тоа е поради храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и за активното учество во развојот на македонската демократија.
Исто така, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, крунисани со членство во престижни научни меѓународни асоцијации; за уживањето посебен углед како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1 600 транс-радијални каротидни стентирања; за исклучителните образовни и научни успеси, потврдени со 230 публикации со импакт-фактор на платформата „Wеb of Science”, H-индекс 36 и 13 650 цитати; за продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.