Во локалот немаше 700 туку 400 гости, Аца Лукас имаше валиден престој – велат од кафулето во Кавадарци

Сопственикот на кафулето тврди дека локалот не сторил ниту едно прекршочно дело и дека сите обвиненија од институциите се неосновани

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Кафулето „Рома“ во кое настапуваше српскиот пејач Аца Лукас, каде што беше уапсен, го демантира градоначалникот Митко Јанчев за пропустите од страна на УЈП, ДПИ, Инспекторат за работа со странци, МВР и Општина Кавадарци.

Во обраќањето, објавено како официјален демант, сопственикот тврди дека локалот не сторил ниту едно прекршочно дело и дека сите обвиненија од институциите се неосновани.

„Аца Лукас имал валиден влез и запазен престој (со што е потврдено од судијата во основниот суд во Кавадарци). Настапот беше наменет за промоција на негова сопствена крипто валута. Тротоарот за кој имавме барање до општината за користење беше одбиено и истиот не се користеше во врска со настанот. Инспекторите од УЈП и ДПИ при извршената контрола ке поднесат соодветни поднесоци за дел од констатирани неправилности спрема правниот субјект“, се вели меѓу другото во објавата на кафулето.

Тој исто така демантира дека имало 700 гости и дека бил надминат капацитетот. Според него, во локалот имало околу 400 гости, сè според пријавениот број, а по приведувањето на Лукас, локалот продолжил да работи до 01:00 часот.

Полиција го уапси српскиот пејач викендов, при вршење акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на Кавадарци . Против Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци и по брза судска постапка, му била изречена парична казна во висина од 50 евра.

При контрола во локалот каде што настапувал тој, освен полиција, биле присутни и  неколкумина инспекции, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, кои  констатирале повеќе неправилности, незидавање сметки, пушење во затворен простор, поголем број лица од дозволеното.