Костадинов: Општина Струмица ги намали платите на пожарникарите, одредени индивидуи од секторот за финансии извршиле сериозен притисок

-Пред неколку дена видов дека близу една милијарда денари ќе има поддршка и од Министерството за одбрана за пожарникарите, што е добро и согласно собраниските процедури и читањето на националниот буџет би дошло во вистинско време. Сè што е потребно е добра волја и искрен пристап, порача екс-градоначалникот Костадинов

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук

Екс-градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов објави дека е изненаден од одлуката на општината да ги намали платите на пожарникарите спасители. Според него, високата плата на пожарникарите спасители не е само обично покачување на примањата, туку претставува поттик за економскиот развој на општината.

-Начин за исплата на зголемените плати има. Ако ТППЕ Струмица има околу триста интервенции во општина Струмица, верувам дека има уште толку и во околните општини, а тоа го правиме во знак на добра волја, без финансиска партиципација од нивна страна.

Пред неколку дена видов дека близу една милијарда денари ќе има поддршка и од Министерството за одбрана за финансиска поддршка на пожарникарите, што е добро и согласно собраниските процедури и читањето на националниот буџет би дошло во вистинско време. Сè што е потребно е добра волја и искрен пристап, а убеден сум дека ги има од сите страни, истакна поранешниот градоначалник.

Оценува дека одредени индивидуи од секторот за финансии извршиле сериозен притисок за да се донесе ваква одлука.

-Мојот став за пожарникарите спасители останува непроменет. Тие се нашите херои и како такви треба да ги чуваме во „стаклено ѕвоно“. Имам искуство со многу правни голготи низ кои поминуваа за да ги остварат своите права: од регулирањето на хранарината, до плаќањето на викендите, систематизацијата и уште еден куп други бирократски, досадни пречки кои го попречуваа остварувањето на нивните основни права. Верувале или не, и покрај сето тоа, тие никогаш не размислуваа кога стануваше збор за нивната улога во заштита на нашата безбедност и превенција.

Од тие причини сметам дека освен платата и социјалниот статус на пожарникарот спасител мора да биде ставен на високо ниво. Затоа беа моите одлуки во рамки на мојот мандат тие да добијат ослободување од плаќање паркинг и бесплатен превоз во рамки на ЈСП Струмица како поттик и мотив кон нив дека не се заборавени, туку се симбол со кој Струмица се гордее, стои во реакцијата на Костадинов.

Во септември годинава, додека беше градоначалник, Костадинов ја спроведе одлуката за плата од 80.000 денари за пожарникарите во Струмица.

-Како што ветив Струмица има највисоко платени пожарникари-спасители во државата, рече тогаш Костадинов.