Сиљановска Давкова му врачи орден на кардиологот Кедев за највисоките образовно-едукативни, научни и алпинистички дострели

Како врвен медицински авторитет и пионер во интервентната кардиологија, посочи Претседателката, неговото научно дело е потврдено со стотици трудови и меѓународна цитираност, сведочејќи за неговата глобална препознатливост и придонес во спасувањето на животи

од Nikola Popovski
6 прегледи

„За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме е да му оддадеме признание”, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека има привилегија да му го врачи Орденот „8 Септември”, како израз на длабока благодарност на македонската држава и на македонските граѓани.

Во своето обраќање таа се наврати на неговиот исклучителен човечки, професионален и општествен придонес, укажувајќи дека неговата биографијата е поучен пример за сегашните и добар прирачник за идните генерации. За неа, успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква.

Како врвен медицински авторитет и пионер во интервентната кардиологија, посочи Претседателката, неговото научно дело е потврдено со стотици трудови и меѓународна цитираност, сведочејќи за неговата глобална препознатливост и придонес во спасувањето на животи.

Таа укажа на дипломатската активност и улогата на Кедев во развојот на македонската демократија, за што говори и стекнатиот статус на почесен конзул на Индонезија.

Неговите алпинистички подвизи, според неа се резултат на знаење, огромна дисциплина, морал и духовност, некој со редок спој на професионална извонредност и длабока човечност.

На свеченоста, Кедев ги претстави своите алпинистички достигнувања и патешествија, споделувајќи го искуството и предизвиците со коишто се соочил искачувајќи ги највисоките 14 светски планински врвови над 8.000 метри надморска височина.