Стабилните монети би можеле да ги исцрпат вредните малопродажни депозити од банките во еврозоната, а секое масовно откупување на такви дигитални средства би можело да има широки импликации за стабилноста на глобалниот финансиски систем, предупреди Европската централна банка денеска, објави Ројтерс.
Стабилните монети, дигитални средства чија вредност е поврзана со резервни средства како што се фиат валути (американски долар или евро), стоки (како што е златото) или други финансиски инструменти за одржување на стабилна вредност, стануваат сè попопуларни и нивната пазарна вредност сега надминува 280 милијарди долари. Тоа е релативно мала сума, но сепак значајна, бидејќи издавачите се меѓу најголемите купувачи на хартии од вредност на американската државна благајна.
Тие се наменети како складиште на вредност и за олеснување на прекуграничните плаќања, но нивната вистинска примена е за купување крипто средства, изјави ЕЦБ во својот Преглед на финансиската стабилност, додавајќи дека околу 80% од сите трансакции што моментално се одвиваат глобално на централизирани платформи за тргување со криптовалути вклучуваат стабилни монети (токени).
„Значителниот раст на стабилните монети би можел да доведе до одлив на малопродажни депозити, намалувајќи го важниот извор на финансирање за банките и оставајќи ги со понестабилно финансирање во целина“, соопшти централната банка.
Но, главниот ризик е поврзан со можното бегство на инвеститорите, бидејќи двете најголеми стабилни монети се меѓу најголемите иматели на државни хартии од вредност на САД и имаат резерви на средства споредливи со оние на 20-те најголеми фондови на паричниот пазар, забележа Ројтерс.
„Бегството кон овие стабилни монети би можело да предизвика наплив на резервните средства на банките, што би можело да влијае на функционирањето на пазарите на државни хартии од вредност на САД“, додаде ЕЦБ.
Слични масовни откупи би можеле да влијаат и на еврозоната ако ентитет од ЕУ и ентитет од трета земја заеднички издадат заменлива стабилна монета, бидејќи регулативите на ЕУ се построги и инвеститорите имаат поголема веројатност да ја изберат за откуп.
„Ова би можело да ги остави издавачите од ЕУ со недоволни резервни средства под надзор на властите на ЕУ за да ги исполнат комбинираните барања за откуп поднесени од сопствениците на токени од ЕУ и надвор од ЕУ, што би ги зголемило ризиците во ЕУ“, додаде ЕЦБ.