„За секое кривично дело, одговорност ќе има“, пишува на Фејсбук, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски и упати обвинувања кон неговиот претходник во ресорот и актуелен пратеник, Љупчо Николовски. Трипуновски не одговори конкретно на барањата на Николовски за суспензијата на ИПАРД средствата туку информира дека поднесени се кривични токму кон неговиот претходник.
„Како што изминатиот период ветив, до Основно јавно обвинителство – Скопје поднесени се три кривични пријави против поранешниот министер за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Секој граѓанин на Македонија како што одговара пред законот, така дојде време и Николовски да одговара за незаконско доделување на грантови и заобиколување на Платежната агенција додека бил на позиција министер.
Николовски ќе одговара за тоа што унапредувал партиски лица без запазена процедура и согласност од Министерството за финансии.
Самопрогласениот спасител на земјоделците Николовски, кој всушност ги уништи истите, ќе одговара и за нераздолжување на опрема што ја има задолжено.
Николовски, клопчето на твоите злоупотреби започна да се размотува, за сите незаконски постапки ќе одговараш.
П.С. – Се надевам дека ќе собереш сила и следната прес конференција ќе ја одржиш пред Јавно обвинителство и самиот ќе побараш да се истражи целиот случај за тебе„, објави Трипуновски.
Опозициската СДСМ денеска побара од Владата да го повика на одговорност актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство за, како што го нарекоа, „мега-скандалот“ со суспендирањето на ИПАРД средствата во износ од над 130 милиони евра.
Според соопштението на партијата, две недели по обелоденувањето на случајот, министерот Трипуновски „бега од одговорност и од вистината“ во врска со суспензијата на европските пари.
„Наместо конкретни одговори, тој на официјално барање од собраниско тело испраќа документ без содржина, без причина за суспензијата, без рокови, без план како да се надмине кризата. Едно големо ништо“, рекоа од „Бихаќка“.
За потсетување, Илија Стоилев, кој ја извршуваше функцијата директор на Платежната агенција, на 6 ноември беше уапсен и притворен под сомнение за земање мито, а потоа и разрешен од функцијата. Пред неколку денови беше соопштено дека нов директор на Платежната агенција е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство.
ИПАРД 3 програмата за период од 2021–2027 има предвиден вкупен буџет од околу 97 милиони евра. Овие средства се распоредени по различни мерки: инвестиции во земјоделски стопанства, во преработка и маркетинг, диверзификација на рурални бизниси, советодавни и техничка помош, како и локален развој.
ИПАРД 3 е претпристапна програма наменета за земји кандидати за членство во ЕУ и претставува витален инструмент за подобрување на конкурентноста на земјоделската привреда и руралното развој пред целосна интеграција во унијата.