Германија го издвојува најголемиот дел од својот буџет од сите европски земји за социјални програми – дури 41 процент, според нова студија на Институтот за германска економија (IW), од која делови денес објавуваат германските медиуми.
Според „Рајнише пост“, ова вклучува трошоци за пензии, социјална и здравствена заштита и надоместоци за невработеност. Во однос на социјалните трошоци, Германија дури ги надмина и скандинавските земји, кои традиционално се сметаат за „најдарежливи“ во Европа.
Речиси половина од сите социјални фондови одат за покривање на трошоците за пензии.
Податоците доаѓаат во недела во која Бундестагот дебатира за реформа на пензискиот систем, која германската влада ја смета за неопходна поради неповолните демографски трендови.
Студијата на IW анализираше и други делови од буџетот и ја спореди Германија со земјите од Бенелукс, Швајцарија, Австрија и скандинавските земји.
Анализата покажува дека Германија издвојува надпросечен износ за јавната администрација – 11 проценти од буџетот. Во исто време, издвојувањата за образование достигнуваат 9,3 проценти, што е под нивото на Австрија и скандинавските земји, кои издвојуваат 13 и 12 проценти, соодветно.
Германија, заедно со земјите од Бенелукс, исто така издвојува најмногу за здравствениот сектор – 16 проценти од буџетот.