Стефановски: Русија ќе мора да ја признае Украина како друг политички, културен и засебен ентитет, а не вештачка творба која е дел од руската религиска и историска матрица

-Украина членка на ЕУ и со безбедносни гаранции исто како да е во НАТО е компензација за капитулацијата на територијата, вели за „Локално“, воено-безбедносниот аналитичар Стефановски

од Nikola Popovski
60 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Алфа ТВ

„Оптимизмот се гради само на равенката како побрзо до мир. И, во двата нацрт документа, на еден или друг начин Украина останува без територија. Секако Украина е најголемиот губитник во оваа војна според сите параметри. Овој конфликт е скоро 11 години, а 4 години од инвазијата на Русија“ – вели во анализа за „Локално“ политикологот и воено-безбедносен аналитичар, Милан Стефановски за американскиот мировен план и ставање на крај на војната во Украина.

Околу тоа дали Украина сепак ќе мора да го „проголта“ губењето на територии, аналитичарот оценува дека капитулацијата во овој случај има друга дефиниција или компензација за капитулација – Украина членка на ЕУ и со безбедносни гаранции исто како да е во НАТО е компензација за капитулацијата на територијата. Но, додава тој, „тоа е данокот која треба да се плати кога во предвид не се земаа последиците од обоената револуција и крвавиот Мајден или неимплементирањето на договорите од Минск 1 и 2“.

Според Стефановски, во суштина преговорите помеѓу Украина и Русија започнаа во Истанбул веднаш или во првиот месец на војната, но, како што вели, ги компромитираше Велика Британија. Вели дека тоа е некој вид перцепција за брза капитулација.

-Разумот говори дека САД нема повеќе да инвестираат во оваа војна, а без нив Украина нема што да бара на бојното поле. Но, во исто време разумот говори дека Украина е таа која изгуби територија, а не Русија и таа е онаа која губи многу повеќе од Русија. ЕУ нема моќ и капацитет да ја заврши војната, а ваков долг и замрзнат конфликт не им одговара на ЕУ, САД, а најмалку на Украина. Сепак Доналд Туск не е наивен политичар и сигурен сум дека го препознал ракописот на договорот со 28 точки. Моторот на дипломатијата на западната хемисфера е САД, а авторизацијата на таа дипломатија за жал во овој момент не може да ја валидизира ЕУ и Полска, оценува аналитичарот.

За Стефановски, размената на територии во овој случај или во случајот на Србија и Косово говори дека меѓународниот правен поредок низ диоптријата на ООН е целосно суспендиран.

-Оттаму се наметнува потребата од изградба на нови механизми за правниот поредок и безбедносна светска архитектура да имаат симбиоза. Одбранбените и безбедносните доктрини на големите сили да не го елиминираат правото без разлика на геополитичката реалност. Тоа ќе биде најголемиот предизвик, посочува соговорникот.

На прашањето дали разликите лежат во тоа што се прифатливи гаранции за мир и безбедност за Русија, Украина, европските земји и САД, аналитичарот посочува дека разликата е само во една суштина – дали САД преку Украина ќе биде поблиску (ќе граничи) до Русија (бидејќи НАТО не може) или тоа ќе биде ЕУ.  Другото е само бирократија, констатира Стефановски и додава дека Русија ќе мора да ја напушти идеата да ја окупира цела Украина и да ја стави под своја политичка, економска и воена контрола.

-Практично Русија ќе мора да ја признае Украина како друг политички, културен и засебен ентитет, а не вештачка творба која е дел од руската политичка, религиска и историска матрица, заклучува аналитичарот.

Дипломатската драма што се одвиваше меѓу Вашингтон, Киев, Москва и европските престолнини во последните денови влегува во критична фаза. Американската администрација ѝ презентираше на Украина нацрт-мировен договор од 28 точки, документ кој наиде на длабоки резерви во Киев и отворено неодобрување во голем број европски земји. Тоа е рамка која, според украинските и европските преговарачи, би била многу поповолна за Москва отколку за нападнатата држава.

Додека американските и украинските претставници во Женева се мачат да ги „поправат“ најспорните делови од текстот, а европските партнери подготвуваат свој контрапредлог, прашањето останува отворено: што би можела Украина да прифати без да го загрози сопствениот опстанок?

Секретарот на американската армија, Ден Дрискол, синоќа пристигна во Абу Даби на разговори со шефот на военото разузнавање на Украина и руска делегација, додека Вашингтон се обидува да протурка мировен договор за ставање крај на војната предизвикана од Кремљ.

Според еден американски функционер и две лица запознаени со состанокот, Дрискол и руската делегација ги започнале разговорите вчера вечерта. Преговорите се закажани да продолжат денес.

Средбата во Абу Даби следеше по напредокот постигнат во текот на викендот во разговорите меѓу украинската и американската делегација во Женева. Секретарот на Армијата на САД, исто така, учествуваше во тие преговори во Швајцарија.

„Дрискол беше многу, многу вклучен во овој мировен процес во последните денови“, рекол американскиот функционер, осврнувајќи се на неодамнешните разговори со украинските претставници. „Тој очигледно е многу вклучен, па може да го префрли тој дел“ на Русија. „Секако, Украина знае што се случува, тие знаеја од каде доаѓа“ по Женева, додал функционерот.