Перев по нападот: Се сомневам дека станува збор за исценирана провокација

-Човекот рече „ќе ве застреламе вас Бугарите, одете си во Бугарија“ и ми рече да не зборуваме и да не се идентификуваме како Македонци, изјавил македонскиот Бугарин, Перев за бугарските медиуми

од Nikola Popovski
101 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Actualno.com

Откако поранешниот новинар и публицист Владимир Перев, деклариран Бугарин од земјава, објави дека бил нападнат во Скопје, тој во емисијата „Здраво Бугарија“ на бугарска „Нова“ посочил дека станува збор за намерна провокација. 80-годишниот македонски Бугарин изјавил дека инцидентот се случил во еден супермаркет додека чекал во ред, кога еден човек го удрил во лицето и му ги скршил очилата.

„Очилата ми беа скршени, напаѓачот сакаше да ми ги симне од главата, имаше и обид да ме удри. Вербална агресија беше употребена од целосно непознат човек. Човекот рече „ќе ве застреламе вас Бугарите, одете си во Бугарија“ и ми рече да не зборуваме и да не се идентификуваме како Македонци. Напаѓачот имаше околу 40 години, потежок од мене, но јас се обидов да се спротивставам. Потоа почна да зборува дека сум го нападнал и дека сум покажал агресија кон него. Затоа се сомневав дека станува збор за наредба или исцениран чин, провокација. Треба да го пронајдат и да го однесат на национална телевизија, за да може светот да разбере што мислат СеверноМакедонците и каква е нивната политика“, кажал Перев во утринската емисија.

Министерството за надворешни работи на Бугарија категорично го осудила, како што велат, „уште еден чин на насилство од омраза против Бугарин во Република Северна Македонија“.

„Министерството за надворешни работи се обидува да го реши проблемот меѓу двете земји. Омразата е веќе видлива на секој чекор, во рестораните, на улиците, има многу случаи на агресија. Бугарија мора да возврати, да најде решение и да направи програма за дејствување во иднина“, кажал, меѓу другото, Перев за бугарските медиуми.

Екс-новинарот вчера информира дека контакт остварил и со бугарската амбасада во Скопје од каде што му била понудена поддршка. Како што вели, по нападот лично разговарал и со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кој изразил жалење за настанот и му понудил институционална помош.

Македонското Министерство за внатрешни работи го потврди инцидентот. Од таму велат дека случајот е пријавен и дека се преземаат сите мерки за идентификација и приведување на напаѓачот.