Мајка на загинато дете од „Пулс“: Ова е геноцид, учиме дека во Кочани живееле многу корумпирани луѓе

-Јасно ми е дека по закон, обвинетите мора да имаат бранители, но, чудно ми е што гледам дека има многу бранители од Кочани. Дали немате малку ниту совест или емпатија кога ќе погледнете како тагуваме по децата или дека убија ваши млади сограѓани, праша Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас, пред судницата

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој загина во трагедијата во Кочани, денеска пред второто рочиште од судскиот процес порача дека се надева како судијката ќе продолжи да го води процесот како и на првото рочиште. Вели дека родителите на загинатите деца веќе осум месеци живеат во агонија. Кај неа, по првото рочиште, како што вели, се појави една искра надеж, а причината за тоа е судијката и воведниот дел на обвинителите.

-Ние родителите бараме само правда. Никој од нас не растел за да стане херој туку за да стане човек. За жал, нашите невини деца кои ги убија, ја платија цената на овој корумпиран систем. Ниту едно ова семејство не е дел од тој корумпиран систем, а ние ја плаќаме цената. Јасно ми е дека по закон, обвинетите мора да имаат бранители, но, чудно ми е што гледам дека има многу бранители од Кочани. Дали немате малку ниту совест или емпатија кога ќе погледнете како тагуваме по децата или дека убија ваши млади сограѓани? Барајќи ја правдата за нашите убиени деца, учиме дека во Кочани живееле многу корумпирани луѓе, кажа Златкова во изјава за медиумите пред судницата во КПУ„Идризово“.

Мајката е децидна дека правдата мора да има имиња и презимиња.

-Сакам да прашам кој му дозволи на монструмот да ги убие нашите деца? Кој му помогна во тоа злосторство? Ова не е убиство, ова е геноцид. Со нетрпение го очекуваме обвинителниот акт и од ОЈО ГОКК. Се надеваме дека сите полицајци ќе бидат опфатени од тој кобен 16-ти март, па хронолошки да се вратиме во 2012 година. Мора да има правда. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца ако сакаме да имаме држава, додаде Златкова.

На претходното рочиште во воведен говор обвинителот Борче Јанев истакна дека во Кочани не изгорел само клубот „Пулс“, со него изгоре илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат. Тој посочи дека опасноста која демнела со години, како последица на институционална негрижа, никој од обвинетите не сакал да ја види.

Судијката најави транспарентна постапка. Секое неоправдано одложување на процесот ќе биде санкционирано. Со одлука на судот, двете постапки се споија во еден предмет.

На обвинителна клупа седат 35-мина, а одговорност се бара и од три фирми. Се товарат за тешки дела против општата сигурност.