Еден од основачите на ЛДП тврди дека партијата е заробена и обвинува дека се претвора во „фамилијарна бизнис фирма“ на Зајкова

Зоран Павловски, кој е член на Иницијативниот одбор за реформи во ЛДП, соопшти дека тој и повеќе видни членови се исклучени од партијата, а се распуштаат и цели општински организации

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук

Општинската организација на ЛДП од Центар информира дека на последната седница на Централниот одбор на ЛДП, одржана по завршувањето на локалните избори, со селективно испратена покана за присуство до членовите на Централниот одбор, Зоран Павловски бил исклучен од членство негово знаење, само затоа што, како што се вели, се залага за реформи во ЛДП, враќање на демократското водење на партијата, отчет за потрошените стотици илјади евра од сметката на ЛДП, работа по Статут и Правилници. Тврдат дека партијата е заробена и е потребно враќање на членството.

Покрај мене како еден од основачите на ЛДП, додава Павловски во објавата, се исклучени и други видни членови од партијата од цела Македонија, а продолжил и процесот на распуштање на цели општински организации кои не се согласуваат со начинот на водење на партијата, губењето на идентитетот и бараат оставки за катастрофалните резултати од изборите.

-Со распуштањето се прави простор за формирање на фиктивни организации, по примерот на прилепската кои на последните локални избори така фиктивно направени едвај освоија смешни за ЛДП, 200 гласови во Прилеп. Избркани сме од сите органи на партијата со интриги, а иронијата да биде поголема за наше бркање од партијата гласал и советникот на ВЛЕН од Чаир, Октај Садики кој сеуште е член на извршниот одбор на ЛДП поради блиски врски со претседателката. Целта е јасна, претседателката и нејзината фамилија и дружина, сака по секоја цена да си ја задржи својата позиција и привилегии во ЛДП, истакнува Павловски.

Според ЛДП Центар, поради несогласување со ваквиот начин на недемократско водење на партијата, кршење на Статутот, постојано отстранување на неистомислениците од органите и од ЛДП и катастрофални резултати на изборите, на седницата на ЦО, членови од Извршниот одбор си поднеле оставка бидејќи не сакаат повеќе да бидат дел од оваа политика која, како што тврдат, ја уништува ЛДП и ја претвора од граѓанска партија на центарот во фамилијарна бизнис фирма на претседателката.

Павловски во своето писмо до членовите, упати и неколку прашања до раководството на ЛДП:

„Како со неподнослива леснотија успеавте да ја намалите ЛДП на 6000 гласа согласно резултатите од последните локални избори и не чуствувате одговорност за тоа, како со неподнослива леснотија, “OFF records” лиферувавте тези пред локалните избори дека сигурно ќе се оди во коалиција со ВМРО, договорено е, си делевте директори и советници на празно, за потоа да кажувате дека ќе одиме со СДСМ кои не молат за коалиција, и на крај недела дена пред поднесување на листи да направите срамна коалиција со Гром ,П.Ц.Е.Р. и Интегра, без согласност на општинските организации…“, се само дел од прашањата на Павловски.

Тој, кој е член на Иницијативниот одбор за реформи во ЛДП, најавува формирање на силен блок за реформи во партијата.

„Вашата политика “Купи ден продади” или како Кумановци би кажале: “ПОСЛЕДЊИ ДА ГА УГАСИ СВЕТЛО И КЉУЧ ДА ГА ОСТАВИ ПОД ЧЕРГИЧЕ!” ќе биде успешно спречена од членството и рефромското крило на ЛДП нема да дозволи да згасне либаралната идеја и мисла во Македонија“, се вели во писмото објавено од ЛДП Центар.