Мицкоски за дивоградбите во Чаир: Ако Обвинителството така одлучило, нема што да коментирам

Обвинителот Коцевски вчера соопшти дека имаат доволно докази за спорните легализации во Чаир

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Принтскрин

Вчера државниот обвинител Љупчо Коцевски информираше дека Обвинителството работи на два предмета поврзани со спорните легализации во Општина Чаир, кои, според него, најверојатно ќе бидат споени затоа што се меѓусебно поврзани и содржат доволно докази за понатамошно постапување. За тоа денеска беше запрашан и премиерот Христијан Мицкоски.

-Органите треба да си ги вршат своите работи. Ако Обвинителството така одлучило, нема што да коментирам. Доколку постои основа за било какви кривични дела, нема тука дилема, кратко одговори премиерот на прес-конференција во Владата.

Коцевски вчера објасни дека едниот предмет се води по допрен глас во Основното јавно обвинителство – Скопје, а другиот произлегува од пријавата на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, и е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Иако не откри дали се потврдени фалсификати, Коцевски нагласи дека се собираат докази сè до моментот на донесување јавнообвинителска одлука. Сепак, рече дека имаат доволно докази.

Арсовска во претходните месеци го прозва премиерот Мицкоски дека го штити екс-градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу а најави и дека јавно ќе ги објави сите документи кои се доставени до институциите и обвинителството. Арсовска тврдеше и дека добивала закани по живот и била следена.