Лица кои биле во „Пулс“, а немале повреди, пријавуваат здравствени проблеми дури девет месеци по пожарот

Според обвинителот Јанев, дел од лицата покажале здравствени проблеми, дури по девет месеци од трагедијата

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Во судницата во затворот „Идризово“ денеска второ рочиште за случајот „Пулс“. На обвинителна клупа седат 35-мина, а одговорност се бара и од три фирми. Родителите на загинатите во пожарот бараат правда.

Кочанскиот обвинител, Борче Јанев во судницата истакна загрижувачки нови информации поврзани со преживеаните. Дел од нив покажале здравствени проблеми, дури после девет месеци од несреќата.

-Имало случаи каде лица првично по пожарот немале никакви повреди или симптоми на здравствени проблеми, меѓутоа неколку месеци по пожарот веќе пријавуваат проблеми со дишење и други здравствени проблеми, истакна Јанев на рочиштето.

Претходно, дел од бранителите на обвинетите изнесоа приговори на интегрираното обвинение, наведувајќи дека станува збор за нов обвинителен акт, а не само за спојување на две обвиненија. Дел од нив приговараа и дека доказите што им се доставени од Обвинителството се хаотични, односно не се нумерирани и нема совпаѓање со материјалите од листата на докази и она што им е доставено на уесбе.