Жртва на семејно насилство ставила евтина спирала и стасала до операција – АФЖ Левица предлага државата да субвенционира квалитетни контрацептивни средства за жртвите

„Зошто државата да не субвенционира квалитетни спирали за жените - жртви на семејно насилство, за да не се доведуваат во ситуација да ставаат евтини спирали како мене, а повеќе од јасно е дека како жени - жртви се на работ на егзистенцијата и не можат да си дозволат нешто поскапо?", прашуваат жените од Левица

од Nikola Popovski
8 прегледи

„Со тоа што ставив евтина спирала, почнав да отекувам… Спиралата ја ставив поради тоа што физичкото насилство беше пропратено со сексуално насилство… Спиралата ја ставив пред 4 – 5 години, за пред некој ден да видам дека прснала, сè околу неа загноило и целата сум отечена. Од сето тоа се соочив со сериозни последици и морав итно да одам на операција”, ова е сведоштво на жртва на семејно насилство што на почетокот на т.н. 16 дена активизам, им го доверила на жените од АФЖ Левица.

,,Зошто државата да не субвенционира квалитетни спирали за жените – жртви на семејно насилство, за да не се доведуваат во ситуација да ставаат евтини спирали како мене, а повеќе од јасно е дека како жени – жртви се на работ на егзистенцијата и не можат да си дозволат нешто поскапо?”, прашува, но и предлага жртвата на семејно насилство која единствена поддршка гледа во неколку организации и во АФЖ – Левица, во пратеничката Јована Мојсоска, но не и во државата.

,,Зад овој предлог, за обезбедување на квалитетни контрацептивни средства за жените – жртви, стоиме и ние од АФЖ Левица и во континуитет продолжуваме да ги застапуваме барањата и интересите на жените – жртви на насилство”, велат од АФЖ.

Едуцирај се, охрабри се! Делувај!” е слоганот на Кампањата на АФЖ – Левица по повод 16-те дена активизам.

,,Нашата кампања оди во насока на обелоденување на немили сведоштва на жени – жртви на родово базирано насилство во приватниот и јавниот живот, но и жени – жртви на институционално насилство. Воедно, работиме и на онлајн – кампања за едукација на жртвите и жените воопшто од аспект на Истанбулската конвенција”, додаваат од АФЖ Левица.

Потсетуваат и дека насилството во Македонија е во подем, системот – во распад, фемицидот, за жал, е присутен во секојдневието. Од АФЖ Левица апелираат: ,,Стоп за насилството!”