На паркингот пред Народното собрание на Бугарија, бугарската партија ВМРО-БНД одржала мирен протест како поддршка на публицистот и член на бугарската заедница во Македонија, Владимир Перев, барајќи да се заштитат правата на граѓаните со бугарски идентитет во земјава. Колку за потсетување, пред неколку дена 80-годишниот македонски Бугарин беше нападнат во маркет во Скопјe.
Протестот на бугарското ВМРО е и против, како што велат, „компромисната политика на Бугарија во последните години во врска со немилосрдните провокации од Македонија“.
„ВМРО посочува дека Перев е уште еден случај што ќе биде запишан во „Црвената книга на македонските Бугари“. Веќе има стотици имиња на луѓе и цели здруженија кои биле претепани, судени, запалени, пукани, отпуштени и понижени во Република Северна Македонија, само затоа што не го кријат своето бугарско потекло и се дефинираат како Бугари. Оттаму, тие посочуваат некои од имињата на македонските Бугари кои станале предмет на агресија во Северна Македонија – Димитар Царномаров – киднапиран и злоупотребен, Спаска Митрова, чие дете е одземено, Драган Попов (Попето) – отпуштен и протеран од својот дом, Мирослав Ризински – затворен, затворањето на бугарските културни клубови, пукањето во клубот во Охрид, претепувањето на Христијан Пендиков итн., итн. Сите случаи за кои нема виновник. И во овој случај, како и во сите други, властите во Скопjето ќе спроведат формална истрага и нема да преземат никакви мерки за откривање на сторителите. Ова е нивна намерна политика и всадување говор на омраза кон Бугарија и Бугарите“, истакнуваат од ВМРО-БНД.
„Колку уште Бугари во РС Македонија треба да бидат претепани за бугарската влада да разбере дека мора директно да го постави прашањето за правата на македонските Бугари пред нашиот југозападен сосед и европските институции“, прашува тамошното ВМРО и инсистира владата на Росен Жељазков да го заостри тонот кон Македонија и внимателно да го следи случајот со Перев додека сторителот не биде идентификуван и праведно казнет.
Според крајнодесничарската партија, на протестот присуствуваат македонски Бугари, како и поранешниот европратеник Ангел Џамбазки и организацискиот секретар на ВМРО-БНД, Александар Сиди.
Пред два дена, Перев објави дека бил нападнат од маж на 40-ина години кој заедно со него чекал во редот на касата во маркетот. Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.
За настанот со осуда реагираше и МНР на Бугарија, повикувајќи ги македонските институции да спроведат ефикасна истрага.