Мицкоски тврди дека немало напад врз Перев и обвинува за „инженеринг“ од Бугарија

„Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад, тоа е друга работа“, рече Мицкоски

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук/Фондација Македонија

„Може некој надвор да накисне на дождот и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кое што се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад, тоа е друга работа“, вели премиерот Христијан Мицкоски по реакциите на бугарското МНР и шефот на бугарската држава, Радев за нападот врз македонскиот бугарин Владимир Перев.

Мицкоски посочува да „не очекуваме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг“. Премиерот отфрла дека се случил било каков напад врз Перев. Вели дека имал консултации во текот на вчерашниот ден за инцидентот кој беше пријавен во полиција во петокот.

Бугарскиот претседател, Румен Радев порача дека Македонија мора да спроведе ефикасна истрага и гонење на сите напади врз Бугарите во Македонија ако сака да го продолжи патот кон Европската унија. Според Радев, брзата и ефикасна истрага за ваквите случаи е единствениот начин земјата да напредува на европскиот пат.

„Многу јасно им кажав и на претседателот и на премиерот дека случајот со Владимир Перев е добра прилика конечно да се започне со ова, бидејќи и мотивот и сторителот се јасни“, истакна вчера Радев.

Министерството за надворешни работи на Бугарија исто така изрази став за случајот.

„Категорично го осудуваме уште еден чин на насилство од омраза врз Бугарин во Република Северна Македонија – феномен, за жал поттикнат од моменталната општествено-политичка атмосфера и антибугарската реторика“, соопштиле од ресорот на официјалната бугарска дипломатија.

Според Перев, напаѓачот, двојно помлад од него, го удрил во лицето, му ги скршил очилата и извикал: „Бугарите да одат во Бугарија!“, заканувајќи му се и со бесење, токму, како што вели, затоа што е Бугарин.

„На 21.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, В.П. (80) од Скопје пријави дека во 21:05 часот во маркет на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во полицискиот билтен.