Денес, во т.н. Струшка соба во Собранието, пратениците од Левица, Димитар Апасиев, Реџеп Исмаил и Амар Мециновиќ оствариле средба со новата амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, Н.Е. Џијанг Сјаојан. На средбата, која се одвивала во пријателска атмосфера, како што велат од партијата, што ја негуваме веќе подолг период помеѓу двете држави и сестринските партии, се разговараше за досегашната богата соработка и за нови можности за нејзино продлабочување.
-Во рамки на разговорот беше отворено и прашањето за неодамнешниот инцидент во Собранието, кога пратениците Антонијо Милошоски, Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи се сретнаа со т.н. делегација на Тајван. Ваквите постапки, кои се спротивни на политиката „Една Кина“ како принцип кој го почитуваат речиси сите држави во светот – претставуваат директен удар врз националните интереси и традиционално добрите односи со пријателската Народна Република Кина. Изразивме јасен став дека вакво однесување е контрапродуктивно, треба да биде осудено и никогаш повеќе да не се повтори, порачаа од Левица.
Според партијата, Република Македонија и Народна Република Кина имаат многу можнсти и домени за соработка како што се технологијата, производството, туризмот, културната размена и многу други сфери од заемен интерес.
-Дополнително, беше разговарано и за унапредување на партиската соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, сѐ со цел подобрување на животот на народите во Република Македонија и Народна Република Кина, што би придонело и до зајакнување на дипломатската, пријателската атмосфера и соработка во светот, стои во соопштението од партијата по средбата со кинеската амбасадорка.