Министерот за правда, Игор Филков денеска од Собранието изјави „опозицијата ја замајува македонската јавност“ со евентуалното враќање на екс-премиерот Никола Груевски од Будимпешта, но без правни последици по него односно за негова амнестија. Вели дека дел од пратениците на СДСМ имаат „шарлатански пристап“.
-Земете да се уозбилите затоа што не е добро за вас како опозиција и за државата, да се занимавате со циркус, а не со реална работа. Тоа граѓаните ви го кажаа на последните избори, а убеден сум дека и следниот пат кога ќе бидат парламентарните избори, ќе ве прати во историјата. Што се однесува до вашето прашање, Министерството за правда нема ништо заедничко со министерството во вашето време кога заедно со Артан Груби и Али Ахмети договаравте кој каде ќе избега. Ова министерство си ги бара сите бегалци. Вие говорите за политички азиланти, рече Филков како одговор на пратеничкото прашање на Миле Талески.
Филков вели дека секогаш кога ќе бидат создадени услови, ресорот Правда повторно ќе си бара своите граѓани.
Претходно Талески го праша Филков дали Министерството за правда поднело ново барање за екстрадиција на Груевски и доколку е поднесено, кога и до која институција во Унгарија е поднесено.