Намерно самоповредување или напад од омраза – ваква е дилемата во јавноста по инцидентот со публицистот и македонскиот Бугарин, Владимир Перев откако пријави дека бил нападнат во маркет во Скопје поради „говор на омраза“ и само затоа што, како што вели, се декларира како Бугарин. „Очилата ми беа скршени, напаѓачот сакаше да ми ги симне од главата, имаше и обид да ме удри. Вербална агресија беше употребена од целосно непознат човек. Човекот рече „ќе ве застреламе вас Бугарите, одете си во Бугарија“ и ми рече да не зборуваме и да не се идентификуваме како Македонци“, рече Перев во изјава за бугарските медиуми.
Во меѓувреме, се огласија и од бугарското МНР, претседателот на Бугарија, Румен Радев, но и дел од тамошните партии и европратеници.
Од друга страна, со свој став излезе и премиерот Христијан Мицкоски. Отфрли било каков напад врз декларираниот Бугарин и навести дека лицето се „самоповредило“. „Може некој надвор да накисне на дождот и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кое што се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад, тоа е друга работа“, вели премиерот, посочувајќи да „не очекуваме црвен тепих и дека очекувани се вакви конструкции и инженеринг“.
Дел од домашната јавност смета ваквите препукувања и тврдења се само забава. Новинарот и аналитичар, Зоран Иванов смета дека и двајцата функционери, „Радев и Мицкоски се однесуваат како тетки преку плот“, односно „како едвај да чекаат да се зачепкаат за нешто“.

Зоран Иванов/Фото: ТВ 24
-Веќе видена приказна, истрошена. Забава за јавноста бугарска и, да не останеме и ние должни, и за овде за нашата македонска. И не само тоа, бугарскиот претседател ја активираше целата негова дипломатија за некаков, се чини вербален или, колку што може да се забележи од реакциите по медиумите, и благ физички инцидент кој колегата Перев, го знам човекот, фин, сталожен, интелигентен, можел елегантно да го изигнорира провокаторот. Но ете и тој како да чекал пак да се растурат пердуви на нетрпение меѓу Бугарите и Македонците, вели Иванов за „Локално“, додавајќи дека „целата оваа ујдурма нема никаква врска ниту никаква допирна точка со нашите евроинтеграции, но еве уште малку прав да го замагли овдешното евро расположение“.
Иванов оценува дека нема потреба ниту премиерот ниту било кој политичар од овде „да жонглира“ на оваа и слични теми.
-Прво е несериозно и смешно. Маалски речник не доликува на политичари на високи и на одговорни функции. Демек онака по маалски го начека и демек го надитри Радев. А и тој пак оттаму, тој Радев претседател на ЕУ држава исто по балкански недозреано. На нерасчистена, на не докрај расветлен случај од мравка прави слон. Демек „ни ги малтретираат нашите таму“.
Ете со што се занимава и македонскиот и бугарскиот државен врв. Со маалски надмудрувања. Под секое политичко ниво е таа и таква јавна, уште и меѓународна дипломатска комуникација. Инфантилно, истакнува новинарот.
Со свој став и Ивон Величковски, лидер на партијата Движење за нова република. Според него, до изјавата на премиерот Мицкоски, постоеше можност случајот да има само „пропагандна намена“, но, со изјавата, вели тој, премиерот влезе во стапицата.
„Бидејќи, небитно каква е етничката припадност на Перев, изјавата на Мицкоски ги отвора прашањата -по која основа премиерот „апсолутно тврди“ дека има или нема напад врз новинар, граѓанин на РСМ пред тоа да го каже МВР? Дали со тоа премиерот му укажа на МВР како да ја води или дека треба да ја затвори истрагата? А ако да, дали тоа значи дека премиерот или неговата партија одлучува која истрага ќе се води, како и со каков епилог. Едноставно, само целосното расветлување на настанот со утврдување на фактичката состојба од страна на МВР можеше да утврди напад и напаѓач или лажно пријавување. Сега, по изјавата на Мицкоски, одеднаш стана небитно што ќе утврди и соопшти МВР“, посочува Величковски.

Ивон Величковски/Фото: Сител Тв
Според него, реакцијата на премиерот го отвори прашањето на владеењето на правото во Македонија повеќе од самата пријава на Перев, а, како што вели, владеењето на правото е еден од Копенхашките критериуми.
„Во држава во која владее правото – нарушувањето на човеково право, физички интегритет и безбедност на било кој граѓанин на Македонија, без оглед на етничката припадност – го утврдува и санкционира надлежна институција во јасна и пропишана постапка, а не премиерот. Ако Владата на Груевски го произведе случајот „Спаска Митрова“ кој се провлекуваше како забелешка во бројни извештаи на ЕК, Владата на Мицкоски на овој начин ризикува да произведе случај „Перев“. Или тоа е целта“, прашува Величковски.
Со реакција за инцидентот се огласи Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму го осудија, како што наведуваат, уште едниот чин на насилство и омраза против Бугарин во Северна Македонија, поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика. Оттаму изразија очекување дека надлежните органи во земјава ќе преземат ефикасни мерки за истрага на случајот, оценувајќи го како тест за спроведување на законот и пристапот на државата кон злосторствата од омраза.
„Крајно време е Република Северна Македонија да започне ефикасна истрага и гонење за сите напади врз Бугарите во земјата. Ова е единствениот начин оваа земја да постигне европска интеграција“. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев пред новинарите во коментар за нападот. „Јас многу јасно им кажав и на претседателот и на премиерот дека случајот со Владимир Перев е добра прилика конечно да се започне со ова, бидејќи и мотивот и сторителот се јасни таму“, додал шефот на бугарската држава.
Контроверзниот бугарски политичар, Ангел Џамбаски и член на крајнодесничарската ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски информира дека поради нападот врз македонскиот Бугарин, Владимир Перев, испратил отворено писмо до членовите на Европскиот парламент и Европската комисија. Им порачал дека, како вели, „вашето тврдоглаво молчење пред систематските напади врз Бугарите во Република Северна Македонија не е само политичка кратковидост“.
Според неговата партија со контроверзни ставови и често навредлива реторика кон Македонија, со ваквите постапки се отвора уште една страница од „Црвената книга на македонските Бугари“.
„Уште колку Бугари во РС Македонија мора да бидат претепани за бугарската влада да разбере дека мора директно да го постави прашањето за правата на македонските Бугари пред нашиот југозападен сосед и европските институции? Случајот од Скопја со нападнатиот новинар Владимир Перев уште еднаш го покажува неуспехот на бугарската надворешна политика во однос на заштитата на правата на нашите сонародници. Перев никогаш не криел дека е Бугарин и агресијата против него е резултат на беззабата и непринципиелната позиција на официјална Бугарија. Ова е доказ дека сегашната бугарска влада не брза да преземе решителни чекори за да ѝ покаже на Европа дека Бугарите се тепани и прогонувани во Северна Македонија – земја која не ги почитува основните човекови права не може да бара членство во ЕУ“, стои во партиското соопштение на бугарското ВМРО.
Нападот на Перев е евидентиран и во билтенот на МВР од 21 ноември и во него стои дека: „На 21.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, В. П. (80) од Скопје пријави дека во 21:05 часот во маркет на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Ваквиот случај потсетува на нападот на Христијан Пендиков што се случи вечерта на 19 јануари 2023 година пред ресторан во Охрид. Секретарот на веќе поранешното бугарско здружение во Охрид, „Цар Борис Трети“ тогаш бил нападнат и завршил со два напукнати пршлени, скршена вилица, испукани ребра и три скршени заби. Двајцата обвинети за претепувањето на Пендиков – Илија Спасески и Борче Ангелов, од Основниот суд во Охрид беа осудени на по 8 месеци ефективна казна затвор за нанесување тешка телесна повреда.