СДСМ: Владата на Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите

-Ако власта на ВМРО ДПМНЕ доставила во Собрание закон кој е неуставен, не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Влада

СДСМ утрово обвини дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите. Велат дека „освен што ги излажа пензионерите сега се обидува вината да ја префрли на некој друг“.

-Ако власта на ДПМНЕ доставила во Собрание закон кој е неуставен, не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле. Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите? Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите а немаше да го доведе под прашање одржливоста на Фондот каде дупката е над 1 милијарда евра, соопшти СДСМ.

Дополнително, додаваат од „Бихаќка“, ВМРО-ДПМНЕ исклучи 12.000 пензионери од усогласувањата и зголемувањата на пензиите согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

-Во меѓувреме има Одлука на Комисијата за заштита од дискриминација, која потврдува дека е сторена дискриминација и даваат рок за да направат измени на Законот кој се уште не е поднесен. Веќе има и судски тужби кои ќе ја чинат државата многу.

Со катастрофално лошите политики на ДПМНЕ дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милијарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите. Ова е реалноста а се друго е спин од страна на власта, стои во партиското соопштение.

„Нема конечна одлука по предметот за линеарното зголемување на пензиите“, тврдат од Уставниот суд. Велат на седницата, одржана на 19-ти месецов, со мнозинство гласови, уставните судии изразија сомнеж во уставноста на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од собранието и од предлагачите на законот, по што ќе следува конечна одлука.

Во однос на тоа дали е поведена постапка за сите линеарни покачувања, досега исплатени на пензионерите, од судот потенцираат дека нема да се преиспитуваат одредбите за зголемувањето по 2 илјади и 500 денари, исплатени во септември 2024 и март годинава, бидејќи на седницата судот ја отфрли поднесената иницијатива.

Ваквата реакција следува откако премиерот Христијан Мицкоски вчера од Собранието рече дека Уставниот суд и судијката Добрила Кацарска донеле одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите по што 70 проценти од пензионерите следниот месец ќе добијат помали пензии.

Слични содржини