Дел од јавноста шпекулира дека министерот за европски прашања, Орхан Муртезани заминува во дипломатска мисија во Брисел, со новата реконструкција на Владата. На денешната заедничка прес-конференција со министерката за ЕУ прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, Муртезани одговори дека во рамките на коалицијата ВЛЕН се уште се разговара за модалитетите на реконструкцијата.
Информира дека се уште нема финален одговор како ќе изгледа реконструкцијата – кој ќе замине, а кој ќе дојде.
-Се работи на модалитетите, но нема конкретно решение, кажа министерот.
За изјавата на американската Анџела Агелер дека во моментов „100-проценти се работи за спроведување на уставните измени“, Муртезани кажа дека на промените на Уставот мора да се работи и дека тоа е преземена обврска без која нема отворање на преговори и нема членство во ЕУ.
-Во моментов не можеме да зборуваме за процес на уставните измени, кога сите наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани. За да бидат адресирани, треба да биде воспоставен редовен дијалог и да се врати довербата во двете соседски земји, за да може на европски начин да градиме заедничка европска иднина, кажа министерот на прес-конференцијата.
„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени“, рече Агелер пред два дена во емисијата „Дебата 21“. Амбасадорката потенцира дека лично таа не учествува во преговорите, но вели дека се водат разговори што го поплочуваат патот.
„Ме охрабри тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. Не е потребен само еден глас за Уставот“, кажа Агелер.