Регулаторната комисија за енергетика денеска информира дека цената на парното ќе се зголеми за 5,9%. Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, тоа се должи поради тоа што во наредниот период ќе се инвестира во дистрибутивната мрежа која е изградена во шеесетите години на минатиот век. Бислимоски информира дека во грејната сезона има голем број на поплаки од граѓаните и оттаму мора да се преземат мерки за подобрување на состојбите.
Како што соопшти првиот регулатор, семејство кое плаќало досега 2200 денари сега ќе плаќа за 130 денари повеќе. Новата цена ќе се пресметува со сметките од декември кои граѓаните ќе ги плаќаат во јануари.
-Сакам да ги повикам граѓаните да имаат разбирање бидејќи во оваа мрежа долги години не е инвестирано. Сигурен сум дека ситуацијата во наредниот период ќе биде подобрена, кажа Бислимоски на прес-конференција.
За корисниците кои се снабдуваат преку најголемиот систем (ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство) поскапувањето изнесува во просек 5,9%, додека за потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, а за Скопје Север – Енерџи Еко Линк околу 7,7%.