Советничката група на Левица во Центар бара вонредна седница за свлечиштето на Водно

Советниците од Левица тврдат дека ридот веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Советничката група на Левица во Општина Центар побара вонредна седница на Советот, поради сериозните информации за активирано лизгање на земјиштето на падините на Водно, непосредно над населените делови на општината. Сметаат дека јавноста има право да знае што точно се случува, кои мерки се преземаат и дали причините за оваа појава се поврзани со долгогодишното и неконтролирано градење на ридот.

-Од градоначалникот и надлежните очекуваме итен и одговорен одѕив, затоа што станува збор за потенцијален ризик кој директно влијае врз безбедноста на граѓаните. Потребно е да се утврди не само моменталната состојба на теренот, туку и пошироката слика – дали постојните градежни активности, прекумерната сеча, недоволната дренажа и преоптоварувањето на падините придонеле за појавата на свлечиштето. Од особено значење е да се добие прецизна информација колку активни градежни маркици сѐ уште постојат на овој потег, кои инвеститори стојат зад нив и дали воопшто е дозволиво продолжување на какви било активности без претходна ревизија, велат советниците од Левица.

Тврдат дека овој рид веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите.

Поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“, и реалната опасност од негово понатамошно ширење, по иницијатива на Општина Центар бил одржан итен координативен состанок на кој учествувале градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претставници на ЦУК, ДЗС, ДИГУ-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.

Како што соопшти Општина Центар, на состанокот биле донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.

-Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно. Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид, а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата, стои во соопштението на Општина Центар.