Орце ги повика граѓаните заедно да го креираат градскиот буџет за 2026

Целта, како што велат од Град Скопје, е да се изработи финансиски документ кој се темели на реалните потреби и визија за развој на градот

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги повика скопјани, заедно го креираат градскиот буџет за 2026 година. Целта, како што велат од Град Скопје, е да се изработи финансиски документ кој се темели на реалните потреби и визија за развој на градот. Од Градот Скопје велат дека буџетот не е само финансиски документ, туку стратешка основа за стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги, во чие создавање секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес.

„Работејќи во постојана комуникација со граѓаните, веќе собравме голем број конструктивни предлози. Но процесот е отворен и затоа ве повикувам сите партнерски да се вклучите во создавањето на буџетот кој ќе го забрза повторното заживување на нашиот град. Скопје има огромен потенцијал, а со заедничка визија и мудро планирање можеме да го претвориме во град со кој секој ќе се гордее.

Во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти што ги најавивме во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрувања кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани и ќе донесат поголем квалитет на живот.

Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје“, порача градоначалникот, објавувајќи и електронската адреса на која може да се достават идеите и предлозите.