Пејачката од БиХ, Џејла Рамовиќ се огласи откако беше приведена во Македонија. Колку за потсетување, Рамовиќ беше приведена во полициска акција во кичевско, заедно со нејзиниот бенд, бидејќи, како што е наведено, работеле без работна дозвола.
Пејачката тврди дека таа и нејзиниот тим ги имале сите потребни документи.
„Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со комплетна постапка што редовно ја следиме секој пат кога доаѓаме во Северна Македонија. Организаторот нè увери дека ги добил сите преостанати дозволи за одржување на настапот во согласност со договорот што го имаме“, истакнува Рамовиќ и додава:
„И покрај ова, настапот беше прекинат неколку минути пред крајот, наводно поради недостаток на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно во ред“.
Пејачката истакнува дека ѝ е жал за непријатностите што ги доживеале сите што дојдоа на нејзиниот настап.
„Ситуацијата настана од причини на кои не можев да влијаам на никаков начин, ниту пак е вината на мојата и на мојата страна. Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш со задоволство се враќам. Исто ќе биде и сега, бидејќи повторно ќе се дружиме во петок во Скопје“, заклучила пејачката.
Од МВР информираа дека при контрола на угостителски објект лоциран на магистралниот пат Кичево-Охрид, затекнати се Џ.Р.(23), како пејачка и К.Џ.(27), Е.П.(25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), како членови на музички бенд, сите од Босна и Херцеговина, кои вршеле работа без претходно обезбедување на соодветна работна дозвола, со што сториле прекршок по член.23 став.3 од Законот за странци („Службен весник на РМ.„ Бр. 97/2018 и 108/2019), казнив според член 217, став 1, точка 2, од истиот закон, за што им е поднесена прекршочна пријава до Основен суд Кичево.